Серија на истражувања и студии откриваат дека потрошувачката на гориво кај plug-in хибридните возила (PHEV) е далеку поголема на патиштата од она што се тврди. PHEV се напојувани од комбинација на електрични мотори и традиционални мотори на согорување. Но, тие имаат само мал досег на возење во исклучиво електричен режим, во просек помеѓу 25 и 40 километри, а покрај предупредувањата возачите забораваат да ги наполнат и наместо тоа избираат да возат само на гориво.
По шокантната најава во Велика Британија дека од 2035 година ќе бидат забранети хибридните возила, синоќа експертите истакнаа дека plug-in хибридите можат да испуштаат повеќе јаглерод диоксид од еквивалентните бензински автомобили, коишто се поефикасни кога станува збор за горивото бидејќи не се тешки како хибридите кои носат дополнителна тежина поради комбинацијата на мотор и батерии.
Според студијата на The Miles Consultancy (TMC), специјализирана компанија за мотори, којашто направи ревизија на потрошувачката на гориво кај PHEV флотите, откри дека најпопуларните plug-in хибридни возила произведени од BMW, Mitsubishi, Mercedes и Volkswagen имаат потрошувачка од два и пол до три пати поголема од официјалните тврдења.
Потрошувачката може да биде многу поголема од она што се тврди
Соодветно на тоа, автомобилите со официјална емисија на CO2 со помала од 50 грама на километар, всушност испуштаат повеќе од 150 грама по поминат километар во реални услови на возење, велат експертите. Овие наоди се поткрепени од академската студија направена во Норвешка во 2018 година за plug-in хибридите во која е заклучено дека просечната годишна емисија на CO2 е околу 2,5 пати поголема од вредноста која е наведена во официјалниот тест за емисија на CO2.
Третата серија на тестови од страна на Emissions Analytics, којашто ја истражуваше потрошувачката на гориво кај PHEV кога батериите не се наполнети, исто така покажа алармантно висока потрошувачка на гориво. Како причина се наведува и тоа што возачите во компаниите се стимулирани да точат гориво во возилата, користејќи картички од компаниите, наместо да ги полнат батериите на автомобилите дома и самите да ги плаќаат сметките за гориво.
Пол Холик, директорот на TMC смета дека “постои реален ризик возачите да ги усвојуваат PHEV возилата од целосно вистински причини, но не знаејќи всушност ги зголемуваат своите сметки за гориво“. Тој исто така додаде и дека “според нивните докази, прашање е дали некои plug-in хибридни возила некогаш воопшто и виделе кабел за полнење. Во многу случаеви гледаме како некои PHEV никогаш не се полнети, возат на подолги дестинации и ова не е добро прилагодено за голем број корисници на автомобили“.
Plug-in хибридните возила не се користат правилно
Ема Кметович, транспортниот тим-лидер во Комитетот за климатски промени во Велика Британија истакнува: “Кога се наполнети како што треба, plug-in хибридните возила им овозможуваат на возачите да го поминат поголемиот дел од своето патување исклучиво во електричен режим. Сепак, постои грижа дека plug-in хибридите не се користат како што треба, со што се ризикува повисока емисија на CO2. До крајот на годината, повеќето од новите целосно електрични возила ќе бидат способни да минат и до 250 километри со едно полнење, а потребата за plug-in хибриди ќе опадне“.
Од таборот на Mitsubishi во Велика Британија истакнуваат дека нивниот Outlander PHEV е тестиран за емисија на гасови и економичност за горивото во целосно наполнета состојба и дополнителните перформанси кои батериите ги додаваат имаат значителен удел во општата ефикасност.
“Во нашите промотивни материјали напоменуваме дека официјалните бројки се само за потрошувачка споредено со слични возила кои може да не се рефлектираат во реалното возење“, велат од Mitsubishi.
Компанијата имала истражување за PHEV возилата на Mitsubishi според која 96% од сопствениците на автомобили ги полнеле своите возила барем еднаш неделно, додека 68% од сопствениците ги полнат своите возила секојдневно.
Преземено од Avtoplus.mk