Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски информираше дека на 15 ноември ќе биде објавен последниот повик за давање под закуп на државно земјоделско земјиште.
Како што информира Коњановски, одлуката е донесена по обезбедените информации од директните средби со земјоделците и досега објавените 17 повици на кои се доделени 3.707 хектари државно земјиште.
“Станува збор за 1.650 земјоделски стопанства на кои со оваа мерка им излеговме во пресрет да си го решат долгогодишниот проблем кој го имаа со земјоделското земјиште кое го обработуваа, а за кое немаа договор за закуп. Согласно сите информации од терен, Министерството на 15 ноември ќе го објави последниот јавен повик за доставување на понуди за давање во закуп на таквото земјоделско земјиште во државна сопственост”, истакна Коњановски.
Тој апелираше до земјоделските стопанства кои се уште ја немаат исполнето оваа обврска навремено да обезбедат геодетски елаборат и да поднесат понуди за закуп.
Од ресорното Министерство информираат дека најнискиот износ на годишната закупнина по хектар што можат да го понудат заинтересираните понудувачи, ќе биде во висина на просечната годишна закупнина во регионот за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп постигната во последните три години.
Повикот ќе биде објавен во медиумите.