Бугарија: Нова стратегија против сиромаштијата

50

Во следните седум години бројот на оние што живеат во сиромаштија во Бугарија ќе се намали за 260.000. Ова треба да се постигне преку подобрување на квалитетот на живот на ранливите групи и создавање услови за нивна комплетна реализација. Овие мерки се дел од Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјално вклучување 2020 на бугарското министерство за труд и социјална политика.

Со мерките се дефинира новиот износ за минимална плата од 310 лева (159 евра) од 1.1.2012 година.

Една од формите на сиромаштија на која е посветено внимание се условите во кои живеат Ромите. Според стратегијата, условите се значително полоши отколку кај останатото население и недостатокот на инфраструктура во ромските маала претставува сериозен проблем. Уделот на дивоградби е висок, а тоа се рефлектира на незаконски приклучоци на електрична енергија и вода, што според владата е ризик по животот и здравјето на луѓето.

Над 80 милиони луѓе во Европската унија се загрозени од сиромаштија, од кои 20 милиони се деца. Просечниот европски просек на сиромаштија е 16,4%, додека во Бугарија е преку 20%, со што Бугарија е во група со Грција, Шпанија, Латвија, Литванија и Романија, покажува анализата на стратегијата. Во анализата стои уште и дека состојбата во економијата не е добра, невработеноста брзо се зголемува, особено меѓу младите и во првата половина од оваа година изнесувала 29,9%.