Доделени признанија на најуспешните рудари во Македонија

38

Министерот за економија Беким Незири денеска присуствуваше на централната свеченост по повод 28. август – Денот на рударите на Македонија, чиј домаќин беше компанијата Ренова во тетовското село Џепчиште.

Според министерот Незири, Македонија има непроценливо богатство од минерални суровини, а голема важност имаат и рударите што работат во рудниците како бесценет човечки ресурс поради што должност на државата е да им обезбеди што подобри услови за работа.

“Овој важен стопански сектор, како и придружните што го опслужуваат овој комплекс во нашата земја, бројат над 12.000 вработени, што го прави овој сегмент од индустријата сѐ поперспективен за работа. Во земјава има повеќе од 150 рудници кои активно работат, од кои дел се за експлоатација на металите олово, цинк, бакар, сребро и злато. Сѐ поголем интерес има за експлоатација на украсните камења како мермерот, гранитот, травертинот и ониксот, а вредни за споменување се минералните термоминералните и термалните води кои се се поатрактивни за инвестирање“, изјави Незири.

Министерот Незири посочи дека годинешниот домаќин на манифестацијата, фабриката Ренова во Џепчиште, со своето работење и резултатите кои ги постигнува претставува уште еден доказ за успешноста на концесионерите на минерални суровини. Имено, Ренова, покрај трите рудници за експлоатација на минерални суровини во Република Македонија, го прошири своето производство и во соседните земји, а производите од оваа фабрика се прочуени по својот квалитет дури и во земјите од блискиот Исток.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов, нагласувајќи ја комплексноста на рударската професија, потенцираше дека рударите навистина заслужуваат што подобри услови и плати, со цел поуспешно да ја извршуваат нивната работа.

“Она што е карактеристика на рударство е што има значаен удел во вкупниот извоз, бидејќи 100% од производство на рудниците за метали е наменето за извоз, што многу помага во девизниот биланс на Македонија. Во државата има над 12.500 вработени во овој сектор со над 170 рударски претпријатија и околу 200 капацитети за преработка на минерални суровини. Очекуваме во следиот период со носење на двата закони за геологија и рударство да се разделат овие две блиски, а различни гранки, со што уште повеќе ќе се подобрат работите. За развојот на рударството потребен е голем капитал, но и поддршка од сите структури во државата“, рече Николов.

Во рамки на одбележувањето на Денот на рударите од страна на Министерството за економија им беа доделени традиционалните признанија за најуспешните рудари и претпријатија, како уште една потврда на нивната професионалност, одговорност и постигнати резултати.