Австриска инвестиција во Виница, нови 100 вработувања

46

Во Виница започна изградбата на нова фабрика на австриската компанија Текспорт наменета за производство на заштитна опрема за пожарникари, а која ќе отвори за виничани и околните населени места 100 нови работни места, јавува Миа.

Објектот се гради во новата индустриска зона на излезот од Виница и ќе биде првата странска инвестиција овде покрај постоечките домашни и локални фирми кои веќе градат на овој потег. Стартот на градбата го официјализираа градоначалникот Емил Дончев и сопственикот, австрискиот инвеститор Омер Шнајдер.

“Нашата фирма има околу 300 вработени во Македонија. Процесот на работа се одвива со модерни техники и компјутерска поддршка за што се потребни добро обучени луѓе кои ќе може да ги користат тие програми. Предност ќе имаат млади лица кои имаат техничко – текстилно образование. По завршувањето на тренингот од околу две години ќе бидат подготвени со стекнатото знаење во производството како сопствена одговорност да го применат истото“, истакна Омер Шнајдер, сопственик на компанијата.

Како што најави Шнајдер, производствената хала треба да биде завршена во мај 2015 година, ќе се гради по најмодерни стандарди со инвестиција од 1,5 милион евра во енергетски ефикасен објект, а ќе биде со капацитет за 200 вработени.

Градоначалникот на Виница Емил Дончев ја поздрави оваа нова инвестиција за која, како што рече, се преговараше три години, и очекува со отворањето на новите работни  места овде и во ТИРЗ-от да се спречи миграцијата на младите од виничкиот крај и пошироко.