Канцеларијата на Светска Банка во Скопје соопшти дека одборот на извршни директори на банката вчера ја одобри гаранцијата за поддршка на комерцијален заем за Владата на Република Македонија во износ од 155 милиони евра.
Преку неа ќе се гарантира дел од износот на комерцијален заем, односно 62% од главницата. Со тоа Македонија ќе има можност да добие релативно голем комерцијален заем во износ од 250 милиони евра, од кои 155 милиони евра ќе бидат гарантирани од Меѓународната банка за обнова и развој (МБОР).
Гаранцијата ќе ги поддржи реформите за подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка и управувањето со јавните финансии, зајакнување на системот за здравствена заштита и подобрување во насочување на социјалната помош и социјалното вклучување. Таа исто така ќе и го олесни пристапот на државата до меѓународните финансиски пазари и ќе помогне во справувањето со очекуваниот јаз во финансирањето во 2013 година.
“Ова е втора гаранција за Република Македонија. Со првата, одобрена во ноември 2011 година, се обезбедија вкупно 130 милиони евра од заемодавачи во услови на практично затворено пазарно опкружување. Кризата во еврозоната која се појави потоа, неповолно влијаеше врз економијата на Република Македонија. Повторните турбуленции на пазарот по мај 2012 година, повторно ги засенија краткорочните перспективи за раст и пристапот до пазарите на капитал”, се наведува во соопштението.
Како што велат од СБ, главниот фокус на оваа втора гаранција е осигурување дека со фискалната политика, а особено со политиката за јавна потрошувачка, се поддржува опкружување поволно за раст, поефикасна социјална заштита и подобро извршување на услугите.
“Со отплатата на долговите ќе се поддржи економската активност и развојот на приватниот сектор, во согласност со долгорочната одржливост на јавните финансии”, вели Џерард Бајам, вршител на должноста на директор во Светска Банка за Југоисточна Европа.
Од СБ сметаат дека во услови на тешко надворешно опкружување со продолжена несигурност во глобалната економија и со ризик од интензивирање на кризата во еврозоната, Македонија воспостави и одржува силна макроекономска стабилност.
“Со спроведување на цврсти структурни реформи, Република Македонија ги поставува темелите за економското заздравување. И покрај постојното тешко опкружување, перспективите за раст на Република Македонија се релативно позитивни, вели Биргит Хансл”, водач на тимот на Светска Банка.