Чанта продадена за “само“ 234.000 евра

131

Чанта направена од кожа од африкански крокодил “разубавена“ со дијаманти и бело злато е вистински луксуз што е продадена за околу 234.000 евра, што е нов светски рекорд.

Чантата го носи потписот на француската модна куќа Hermes, а е дел од серијата Birkin чанти што го добиле името по британската пејачка и актерка Џејн Биркин.

Оваа чанта го носи името Hermes Himalaya Birkin поради бојата што ја има, од сива до бисерно бела, што потсетува на Хималаите прекриени со снег.

Чантата е продадена на онлајн наддавање на аукциската куќа Christie’s и е најскап предмет продаден од целата онлајн продажба во вредност од два милиона евра.

Не се знае кој е точниот број на изработени чанти од овој вид, но поголемиот дел од клиентите се жени кои му се верни на овој бренд и сакаат да ја имаат во својата приватна колекција.

“Многу се ретки, но точниот број не им се знае. Нашите клиенти се меѓународни колекционери, поголемиот дел од нив се жени кои сакаат да ја купат за да ја користат и да ја покажат на другите. Додека некои ги купуваат за да ги чуваат во колекција и за покажување, други ги носат во специјални прилики, како што се венчавки“, вели Рејчер Кофски, шефица на продажба на чанти и модни додатоци во Christie’s.

Едно истражување покажа дека чантите можат да наидат и на поголема популарност кај инвеститорите поради нивниот начин на изработка и статусниот симбол што го покажуваат. Доколку се тргува со брендирани чанти од брендовите Hermes и Gucci може да се “извлече“ многу поголема вредност.

Фото: Christies.com