Добивката на овие компании надминува милијарда денари

55

Три банки, една телекомуникациска и една компанија што произведува цемент, во период од јануари до септември оваа година, прикажаа добивка што надминува милијарда денари.

Според финансиските резултати на котираните компании, највисока деветмесечна добивка прикажа Стопанска банка АД Скопје и тоа во висина од 1.422.078.000 денари. Истиот период минатата година, добивката на банката беше 1.730.218.000 денари или 17,81% повеќе во однос на оваа година.

Вицешампионското место го има Комерцијална банка со добивка од 1.310.650.000 денари или 0,77% повеќе во однос на минатогодишната деветмесечна добивка (1.300.588.000 денари).

Уште една банка, од јануари до септември годинава, оствари добивка што надмина милијарда денари. НЛБ Банка за деветте месеци од оваа година прикажа добивка од 1.265.413.000 денари, додека истиот период лани имаше за 13,07% поголема добивка (1.455.738.000 денари).

Петорката ја комплетираат Македонски Телеком со добивка од 1.145.006.000 денари (20,07% пониска во однос на 2019 година – 1.432.509.000 денари) и Цементарница Усје со 1.136.369.772 денари (консолидирана добивка што е за 20,91% зголемена во однос на минатата година, кога била на ниво од 939.838.000 денари).

Анализирајќи ги 100-те котирани компании, Македонска берза нотира дека 69 компании, во периодот од први јануари до 30-ти септември, оствариле добивки во вкупен износ од 10.197.741.462 денари, што е за 10,42% помалку одошто во истиот период минатата година (11.383.761.777 денари). Во исто време, намален е бројот на компании што прикажале добивка, бидејќи лани со позитивен резултат периодот го завршиле 77 котирани друштва.

Зголемување има кај бројот на компании што во деветте месеци од оваа година завршиле во “минус“. Заклучно септември оваа година, 28 компании прикажале загуба, наспроти 21 компанија во истиот период во 2019-та година. Сепак, кај апсолутниот износ на загубата има намалување од 27,55%, па така на крајот на деветте месеци од оваа година беше 454.872.948 денари, а лани 627.871.594 денари.

Овој пресметковен период три компании не објавиле финансиски извештаи, додека истиот период лани биле две.

Фото: Freepik