Комерцијална банка за девет месеци прикажа добивка од 1,3 милијарди денари

22

Комерцијална банка од први јануари до 30-ти септември оваа година работеше со добивка од 1.310.650.000 денари, стои во неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката оствари добивка од 1.300.588.000 денари.

“Во периодот од 01.01-30.09.2020 година банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.310,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.300,6 милиони денари што претставува зголемување за 0,8%. Планираната бруто добивка за деветте месеци од годинава е остварена со 89,1%. Зголемувањето на бруто добивката е остварено во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 37,8% поголема во однос на истиот период минатата година. Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје и Технометал Вардар АД Скопје“, стои во Коментарот на неконсолидираниот биланс на успех.

Нето приходите од камата, заклучно 30-ти септември оваа година, достигнаа ниво од 1.816.116.000 денари, а истиот период лани беа 1.781.129.000 денари.

“Нето приходите од камата бележат зголемување од 2% во однос на истиот период од минатата година како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,7%“, стои во Коментарот.

Фото: Freepik