Добивката на Македонски телеком за девет месеци е 1,1 милијарда денари

59

Македонски телеком оствари вкупна сеопфатна добивка, во период од први јануари до 30-ти септември, во висина од 1.145.006.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период минатата година, телекомуникациската компанија работеше со добивка од 1.432.509.000 денари.

“Нето добивката за првите девет месеци од 2020 година е намалена за 20,1% во споредба со истиот период од минатата година и изнесува 1.145.006.000 денари. Доколку се исклучи трошокот за отпремнини за вработените во првите девет месеци од 2020 година, нето добивката бележи намалување од 15,1% во споредба со истиот период од претходната година“, стои во Образложението за работењето на Македонски телеком.

Вкупните приходи од продажба на компанијата, на крајот на септември оваа година, имаа салдо од 7.926.778.000 денари, од коишто на домашен пазар отпаѓаат 7.632.963.000 денари, а остатокот од 293.815.000 денари е остварен на пазари во странство.

“Приходите од продажба во првите девет месеци од 2020 година изнесуваат 7.926.778.000 денари, што претставува благо намалување од 0,1% во споредба со истиот период од претходната година“, стои во Образложението.

Приходите од говорни мобилни услуги вклучително и приходите од говорни услуги – големопродажба на крајот од првите девет месеци од 2020 година, како што се наведува, се намалени за 6,6% во споредба со истиот период од претходната година. Ова намалување главно произлегува од намалувањето на приходите од при-пејд сообраќај, намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација и намалените приходи од роаминг заради COVID-19 пандемијата како и дополнителното намалување на цените од први јули 2020 година со земјите од западен Балкан согласно измените во регулативата во делот на говорните услуги во роаминг во рамки на Балканските земји. Следствено, комбинираниот ARPU (просечниот приход по корисник) бележи намалување од 1,9% во споредба со истиот период од претходната година, достигнувајќи 353 денари.

Вкупниот број на пристапи на широкопојасен интернет (вклучувајќи ги и корисниците на конвергентни услуги) на крајот од првите девет месеци од 2020 година, како што се наведува, е зголемен за 4,7% и изнесува 209,8 илјади во споредба со 200,4 илјади на крајот од истиот период од претходната година, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од првите девет месеци од 2020 година изнесува 48,4% (интерна проценка).

Фото: Freepik