ФАО работилница: Климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук во заштитено одгледување

45

Во рамките на VIII Симпозиум за Југоисточна Европа (ЈИЕ) за зеленчук и компири што се одржува овој викенд во Охрид, утре, на 26 септември 2021 г. ќе се одржи онлајн работилница на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) за климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук во заштитено одгледување. Симпозиумот е организиран од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот ‘’Кирил и Методиј’’ – Скопје и Земјоделско-ветеринарниот факултет при Универзитетот „Хасан Приштина“- Приштина, со поддршка од ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

Утрешната работилница ја организира Регионалната работна група на ФАО за стакленичко производство во ЈИЕ, формирана за да ја олесни соработката меѓу земјите од ЈИЕ за размена на знаење и поддршка на иницијативи за истражување и развој во насока на зајакнување на националните капацитети и надградба на технологите за стакленичко производство. Учесници се научници од Северна Макеоднија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Говорејќи на отворањето на симпозиумот, Набил Ганги, заменик-регионален претставник на регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, истакна дека ФАО дава висок приоритет на одржливото производство на зеленчук и компири, што придонесува на глобалниот мандат на ФАО за искоренување на гладот, неухранетоста и сиромаштијата, подобрување на земјоделската продуктивност, како и одржливо управување со природните ресурси и постигнување на целите на ОН за одржлив развој.

„Се соочуваме со глобални предизвици, вклучително потребата за зголемена конкурентност долж вредносните ланци на производство, одржливо производство, синџири на снабдување и потрошувачка, импликации од промената во животниот стил врз здравјето и благосостојбата на луѓето и амбиција за безбедност и сигурност на храната. Зголемените влијанија на климатските промени доведуваат до појава на штетници и болести, како и промени во продуктивноста на одредени сорти. Сето ова влијае врз растителното производство и безбедноста на храната.’’ Во таа насока, истакна тој, “хортикултурно истражување и развој е од особена важност за соодветен одговор на овие реални и претстојни предизвици, со цел зголемување на сигурноста на системите за производство на храна од овошје и зеленчук и нивната конкурентност со фокус на одржливост и намален отпад од храна.”

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, исто така, посочи дека производството на зеленчук е водечки земјоделски сектор во Северна Македонија, затоа поддршката на истражувањето и развојот се од суштинско значење за економијата и благосостојбата на земјоделските производители. Тој исто така потенцираше дека заканата од климатските промени врз производството на зеленчук не познава граници, па оттука е особено важно да се зајакне регионалната соработка и истражувачката работа за поддршка на одржливо и отпорно растително производство и безбедност на храната.

На работилницата на ФАО утре ќе се споделат вредни истражувачки информации, технички знаења и практики кои имаат потенцијал да ја зголемат одржливата продуктивност, отпорноста и безбедноста на храната во растителното производство. Главните теми вклучуваат климатски-паметни производствени практики за одржливо заштитено одгледување, паметни енергетски системи и практики за заштеда на енергија за поттикнување на циркуларна економија во земјоделството, придонес на аквапониката за ублажување на климатските промени, вертикално земјоделство, глобални трендови во органското земјоделско производство итн. Истражувачките информации ќе бидат придружени со студии на случај за климатски-паметно стакленичко производство на зеленчук и перспективи за органско земјоделство од земјите од Западен Балкан, вклучително и од Северна Македонија.