Интернешнел Хотелс со загуба од 28,6 милиони денари заклучно септември

169

Интернешнел Хотелс, во период од почетокот на годината до крајот на септември, работеше со загуба од 28.626.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во деветте месеци од минатата година, компанијата оствари загуба од 11.298.000 денари.

“Негативниот финансиски резултат од работењето Друштвото го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во државата, поради пандемијата со корона вирусот COVID -19 , како и согласно Одлуката на Владата за привремено затварање на сите угостителски објекти и хотели, во која категорија спаѓа Интернешнел Хотелс АД  Скопје. Како последица на донесената одлука се одрази во голема мера во работењето поради откажување на сите аранжмани за 2020 година. Со оглед на тоа дека глобалната здравствена пандемија сè уште трае и се одразува и на севкупната економија во светот, при што ваквата состојба се очекува да продолжи во следниот период, се соочуваме со неизвесност во однос на условите и периодот кога повторно ќе се отпочне со работа со својата дејност“, стои во Коментарот кон билансот на успех.

На крајот на септември, на контото приходи од продажба компанијата евидентираше 10.193.000 денари, додека истиот период лани, приходите имаа вредност од 67.277.000 денари.

“Во првото полугодие  од 2020 година, Друштвото оствари вкупни приходи од 13,860 милиони денари, кои се 85% помалку во однос на истиот период во 2019 година, вкупните трошоци изнесуваат 42,487 милиони денари“, стои подолу во Коментарот.

Интернешенал Хотелс АД Скопје е компанија која раководи со Хотел Континентал во Скопје.

Фото: Facebook