Како дa остварите ефективна и повторлива продажба

86

sl

Подобрувањето на ефективноста на продажбата не е само прашање на продажниот тим, туку е прашање и на компанијата и бара длабока соработка помеѓу продажбата и маркетингот, со цел да се дознае што функционира, а што не функционира и постојано да се подобруваат знаењата, пораките, вештините и стратегиите на продажниот тим.

Ефективна и повторлива продажба беше темата на која зборуваа Петар Лазаров, ко – сопственик на Македонија Експорт, Сашко Блажевски, директор на продажба во Прилепска Пиварница, Владимир Трпаноски, комерцијален директор на А.Д. Витаминка и Владимир Вецовски, генерален директор на Р3 Инфомедиа, на средбата за размена на искуства во ЦЕЕД бизнис и едукативниот клуб.

Продажбата е матрица којашто е апликативна на било кој производ

Продажбата е матрица којашто е апликативна на било кој производ. Секој производ има своја специфика и треба да се знаат карактеристиките на производот. Во нашата продажба користиме различни модули и секој модул што е активен во продажбата ние го аплицираме“, рече Петар Лазаров, ко – сопственик и менаџер на Македонија Експорт.

Треба да се постави систем во својот сектор

“Потребно е да се постави систем во својот сектор. Секое време потрошено на вашето работно место како менаџери и претприемачи треба да го потрошите во градење на тој систем за да биде што е можно подобар. Тој систем се состои од луѓе, процеси и операции во една компанија“, рече Сашко Блажевски, директор на продажба во Прилепска Пиварница.

Важност на тимот за продажба и како се води

Блажевски ја потенцираше важноста на првиот човек. Многу е важно прашањето кој е најгоре, како тој го води тимот и какви се резултатите.
“Кога зборуваме за тим, треба да тргнеме од самите себе, па потоа да се симнеме до најдолното ниво, да го анализираме од сите аспекти и да видиме дали луѓето се поставени на вистинско работно место. Задача за одговорниот е да го препознае потенцијалот на работникот. Прва работа што секој продавач треба да ја научи е да се навикне на одбивањето и на него да гледа како предизвик, а не проблем”, појасни тој

Дискусија за проблеми

“Потребно е континуирано да работите секој ден. За успешноста на компанијата од голема важност е добро распределување на тимот и секој да ги извршува своите поставени задачи. Секако, треба да се дискутира за проблемите и што е сработено“, истакна Владимир Трпаноски, комерцијален директор на А.Д. Витаминка.

slika

Задржување на клиенти

“Продажбата во денешно време подразбира целосна посветеност кон добивање на нови и задржување на постоечките клиенти. Многу попрофитабилно е да ги сервисирате постоечките клиенти отколку да барате нови”, рече Владимир Вецовски, генерален директор на Р3 Инфомедиа. “Продажбата е занает и потребно е да го обучувате вашиот тим. Секој продавач треба добро да ги знае производот и услугата на компанијата, да биде трпелив, упорен, позитивен и секогаш да демонстрира различност во однос на конкурентите”, истакна Вецовски.

Ако сакате да дознаете повеќе за активностите на ЦЕЕД бизнис и едукативниот клуб, прочитајте тука.