Како функционира пензискиот систем во државата

766

Пензискиот систем (англиски: pension system) е еден од најважните сегменти на вкупниот систем на социјална сигурност во секоја земја. Овој систем претставува збир на правни норми и административни и финансиски институции со кои се регулира осигурувањето на ризикот на старост и инвалидитет и загуба на хранител.

Пензискиот систем во Македонија

Македонскиот пензиски систем е составен од прв, втор и трет столб, што значи дека постои можност пензијата на идните пензионери да се обезбедува од три извори: од државниот пензиски фонд – Фондот на ПИОМ (прв столб) и од приватните пензиски фондови (втор и трет столб).

Пензиски столб е термин што се користи за означување на составен дел на пензиски систем. Секој пензиски столб се разликува по начинот на собирање на придонесите во пензиските фондови, начинот на пресметка и исплата на пензиите.

Што е прв столб?

Прв столб значи дека од придонесите на сегашните вработени се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери (осигурување врз основа на генерациска солидарност (pay-as-you-go)). Освен старосна пензија, од овој столб се исплаќа и инвалидска и семејна пензија, како и најнизок износ на пензија.

Што е втор столб?

Втор столб е задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, што значи дека дел од вкупно уплатениот придонес за пензиско осигурување се уплаќа во приватниот пензиски фонд, каде што осигуреникот е член. Средствата понатаму се инвестираат и се акумулираат на неговата индивидуална сметка во пензискиот фонд. Од тие средства, кога осигуреникот ќе оствари право на старосна пензија, ќе му се исплаќа пензија од втор столб, покрај пензијата од прв столб.

Што е трет столб?

Трет столб е доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, што значи дека можете да штедите за дополнителен приход за пензиски денови, со уплаќање на средства на индивидуална сметка во доброволен пензиски фонд кои понатаму се инвестираат и се акумулираат. Oсвен како индивидулно лице, може да бидете вклучен и во професионална пензиска шема организирана од вашиот работодавач, кој ќе  уплаќа средства во третиот столб.

Постојат строги правила за инвестирање на средствата на пензиските фондови, утврдени со закон, со кои се обезбедува распределба на средствата со која се заштитуваат од евентуален пад на нивната вредност. МАПАС ја супервизира работата на друштвата на дневна основа со цел да се осигура дека друштвата ги следат тие правила. Вашите средства како дел од пензискиот фонд се целосно одвоени од средствата на пензиското дрштво, се чуваат кај банката – чувар на имот и се наменети за исплата на пензија.

Што е разликата помеѓу задолжителен пензиски фонд и доброволен пензиски фонд?

Начинот на функционирање е ист – се уплаќаат средства од осигурениците и се инвестираат. Разликата е во тоа што предуслов за членување во задолжителниот пензиски фонд е лицето да биде вработено, а членството во доброволен пензиски фонд не е условено со вработување односно во доброволен пензиски фонд може да членува лице на возраст од 15 до 70 години.

Дали средства од вториот столб можат да бидат предмет на извршување од страна на извршител?

Над средствата на член на задолжителен пензиски фонд не може да се спроведе извршување, ниту може тие средства да се користат во постапка на порамнување или стечај.

Кога можам да ги користам средствата од втор столб?

Кога ќе остварите право на старосна пензија односно 64 години возраст за мажи и 62 години возраст за жени и минимум 15 години работен стаж. Доколку не стекнете право на старосна пензија поради тоа што немате пензиски стаж најмалку 15 години, средствата од втор столб можете да ги користите по наполнување на 65 години возраст.