Камен темелник на уште една инвестиција во општина Илинден

21

Бизнис заедницата на општина Илинден добива уште еден нов член. На пригодна свеченост, во локалната економска зона Марино – Кадино, беше поставен камен темелник на нов стопански објект на фирмата Тосама Трејд, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Станува збор за компанија која што се занимава со санитетски материјали за медицински цели, која што ќе изгради деловно – магацински објект со површина од 1.000 метри квадратни, чија вредност според проценката на инвеститорот би била над 500.000 евра.

Тосама трејд досега вршеше само дистрибуција на производите на словенечкиот партнер во Македонија Тосама, меѓутоа со своето проширување во новите простории во општина Илинден бизнис, проекцијата опфаќа отпочнување со производство, односно со доработка на производите, стерилизација и пакување, со лиценца на брендот што го претставуваат.

“Затоа што поволностите кои општина Илинден им ги нуди на инвеститорите се одлични, ние заедно со словенечките партнери решивме да се прошириме и тука да изградиме сопствен објект“, изјави сопственичката на Тосама Трејд, Стојна Симоновска.

Според инвеститорот, новите простории на компанијата Тосама Трејд треба да бидат готови на пролет.