КХВ: 2019-та беше “година на обврзници“

31

Во Годишната програма за работа на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), 2019 година беше “година на обврзници“ кога станува збор за примарниот пазар на капитал.

Според податоците, три банки издадоа три различни типови на обврзници – перпетуални, конвертибилни и субординирани. Со оглед на големиот интерес за овие инструменти меѓу инвеститорите, како што нотира КХВ, се очекува трендот на емисии на обврзници меѓу банките да продолжи и во 2020 година.

Покрај тоа, имајќи ги предвид активностите и средбите што Комисијата ги реализираше во текот на 2019 година, се очекува во 2020 година едно друштво со ограничена одговорност да распише емисија на обврзници. Трговските друштва во Република Северна Македонија сè уште не се фокусирани на издавање на обврзници како начин за финансирање на нивните капитални потреби, пред сè поради недоволната информираност од овој начин на финансирање. Од КХВ очекуваат преку раздвижувањето на пазарот на обврзници од страна на банките да се зголеми визибилноста на овие финансиски инструменти и кај останатите издавачи, особено кај трговските друштва.

Во текот на 2020 година се очекува задржување на интересот на емисии од банките, како резултат на барањата на Народна банка за утврдување на адекватноста на капиталот на банките, пред сѐ во делот на сопствените средства на банките. Методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот на банките, како и зголемениот обем на работа наметнува потреба кај одредени банки од нивна докапитализација.

Дополнително, имајќи ја предвид законската регулатива од областа на осигурувањето, којашто наметнува барања за одржување на капиталот на одредено ниво, потребно за покривање на ризиците во работењето, во 2020 година може да се очекуваат докапитализации од одредени друштва за осигурување преку емисии на акции.

Во 2020 година, како и претходните години, се очекува приватните понуди да доминираат на примарниот пазар на капитал. Најчесто емисиите на акции по пат на приватна понуда, издавачите ги реализираат заради подобрување на финансиската состојба на друштвата, односно имаат санационен карактер. Покрај тоа, голем дел од приватните понуди се докапитализации на друштва од секторот финансии – банки и друштва за осигурување, каде регулаторот им наметнува обврска за докапитализација заради задоволување на капиталните барања, наметнати со посебна регулатива која се однесува на работењето на овие субјекти.

Комисијата, како што се наведува, со своите активности ќе им помогне на акционерските друштва за квалитетно подготвување на сите документи, потребни за приватна понуда на хартии од вредност.

Во текот на 2019 година, Комисијата одобри две иницијални јавни понуди на акции од акционерски друштва од стопанството. И покрај тоа што истите беа откупени од постојниот доминантен акционер на друштвата, односно реално не дојде до дисперзирање на сопственичката структура на друштвата (што се очекува при јавна понуда на акции), сепак Комисијата очекува дека позитивното искуство на овие издавачи во поглед на постапката за подготовка, одобрување и реализирање на јавна понуда ќе биде стимул за други издавачи во текот на 2020 година да се обидат да приберат средства преку пазарот на капитал.

Фото: Pexels