Најдобрата технологија и мотивираниот тим се клуч на успехот на Мебел Ес Еф

179
Gorgi Hristov
Ѓорѓи Христов, менаџер на Мебел Ес Еф, Струмица

Од столарница во гаража, до модерна фабрика од 1.200 метри квадратни е сонот што го реализирал Ѓорѓи Христов, менаџер на Мебел Ес Еф. Христов вели дека за следните 2-3 години цел на компанијата е добро да се етаблира на македонскиот пазар како една од водечките компании во сегментот на кујни по мерка и ширење на продажната мрежа во сите поголеми градови.

БИ: Од кога постои компанијата Мебел Ес Еф?

SF team 2010Компанијата е основана пред 10 години во гаражата во мојата куќа, која порано, по Втората светска војна, била столарска работилница на дедо ми. Почетоците беа тешки, но кога се има голема љубов и упорност кон работата, резултатите ќе дојдат. Денес компанијата располага со сопствена фабрика од 1.200 метри квадратни, најмодерни CNC машини од европски производители, две лакирници кои ги исполнуваат сите европски и еко-стандарди и најважно, млад, добро истрениран и високо мотивиран тим од 30-тина вработени.

БИ: Дали самостојно го изработувате мебелот што се продава кај вас?
Изработуваме мебел од плочи, а специјализирани сме за мебел по мерка, односно за кујни по мерка. Тие се нашиот најпознат производ. Исто така, имаме програм на мебел за деловни корисници, како хотели, канцеларии, банки… кој се работи по мерка и од неодамна работиме на големопродажба на мебел за дневни соби. Целиот мебел е дизајниран и произведен во компанијата без надворешни соработници.

БИ: Какви материјали најчесто користите за изработка на мебел и кои според Вашето искуство се покажале за најквалитетни?
Материјалите со кои работиме се од европско производство – иверки кроношпан, медијапани Водего и Калцидис, бои и лакови Милеси, оков Блум. Сите горенаведени се едни од најголемите и најпознатите брендови во Европа во својата дејност.

M-1

БИ: Работите кујни по мерка. Од колку елементи е составена најмалата кујна што ја имате изработено, а од колку најголемата? Колку време е потребно за изработка на една кујна?

Покрај естетиката, изгледот на кујната, која може да биде во разни стилови од класичен, модерен едноставен, па се до модерен, авангарден, кујната мора да биде и функционална, односно место каде се чуваат и приготвуваат оброците. Кога ќе се спојат овие две работи, се дизајнира кујната, а дизајнот на конкретна кујна зависи од желбите и потребите на корисниците. Така, сме дизајнирале кујна од два елемента која е наменета за викендица, а сме дизајнирале и кујна на простор од 80 метри квадратни или колку трособен стан со многу елементи, асесоари и винарии. Се зависи од желбите и потребите на корисниците.

БИ: Како ја оценувате бизнис климата во Македонија и како гледате на законот за сертификација на шумите? Дали сметате дека со овој закон кој е наложен од Европската Унија, ќе се намали побарувачката на мебел?

spalnaБизнис климата во Македонија е добра, а очекувам да се подобри со профункционирањето на Законот за финансиска дисциплина со што би се решил и еден од најтешките проблеми – неликвидноста. Инаку, не го делам мислењето на многу наши менаџери дека државата е крива за проблемите кои ги создаваме самите, дали од лошо работење или со лошо планирање. За сертифицирањето на шумите мислам дека е во ред, тоа што го земаме од природата мора и да се врати за да се одржи рамнотежа. Но, колку што јас сум информиран, до скоро во Македонија немаше тело кое би ги издавало овие сертификати и тоа може да биде проблем.

БИ: Кои се идните планови на компанијата?

За следните 2-3 години цел на компанијата е добро да се етаблира на македонскиот пазар како една од водечките компании во сегментот на кујни по мерка и ширење на продажната мрежа во сите поголеми градови. Паралелно со ова ќе се работи и на подготвување на капацитетите за сериозен настап на странски пазари.

m-5.1

БИ: Учествувате на 40-от Меѓународен саем за мебел. Како го оценувате Вашето учество?

Учеството на овој саем за мебел имаше две цели. Прво, промовирање на најновата колекција на модерен авангарден мебел и тоа кујна М-5, дневна М-5 и спална М-5. И второ, промоција на отворањето на SF студио – Скопје, во Центар, на булевар Св. Климент Охридски. Судејќи по досегашните реакции, мислам дека целта е реализирана.