Најголемите добивки во првиот квартал им припаѓаат на овие компании

112

Три банки, една фармацевтска и една компанија од телекомуникацискиот сектор ги имаат петте највисоки добивки во првиот квартал од оваа година, покажува Прегледот на финансиски податоци за котираните компании.

Со квартална добивка од 546.088.000 денари, прва на оваа листа се најде Стопанска банка. Зад нејзе е НЛБ Банка со добивка од 418.532.000 денари во текот на првите три месеци од оваа година. Првата “петорка“ на компании со највисока добивка ја заокружуваат: Алкалоид (314.492.000 денари), Македонски Телеком (313.241.000 денари) и Комерцијална банка (217.549.000 денари).

Според податоците на Македонска берза, во периодот од први јануари до 31-ви март оваа година, 59 од котираните компании остварија добивки, 37 работеле со загуба, додека три компании не ги објавиле резултатите од своето работење. За споредба, истиот период лани, 61 компанија остварила позитивен финансиски резултат, 38 завршиле во “минус“, додека една не ги објавила резултатите.

Во првите три месеци од оваа година, добивките на 59-те компании достигнаа вкупна вредност од 2.500.277.212 денари, а загубите беа на ниво 714.874.234 денари.

За анализата се користени податоци од неревидираните биланси на успех на котираните друштва објавени на Македонска берза.

Фото: Freepik