Алкалоид за три месеци прокнижи добивка од 314,4 милиони денари

68

Фармацевтската компанија Алкалоид, во периодот јануари – март оваа година, евидентираше вкупна сеопфатна добивка од 314.486.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех.

Истиот период минатата година, компанијата прикажа добивка од 294.542.000 денари.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 31-ви март оваа година, достигнаа 3.367.918.000 денари. Од тој износ на домашен пазар реализирани се 950.996.000 денари, а поголемиот дел од 2.416.922.000 денари е остварен на пазари во странство.

“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – март 2020 година изнесуваат 3.477.228.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2019 година бележат пораст од 20%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97% имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги, кои во споредба со остварените во 2019 година, бележат пораст од 19%“; стои во Образложението на остварените резултати.

Од вкупните консолидирани продажби, 72% се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во Југоисточна Европа (раст од 36%). Русија и другите земји во ЗНД бележат раст од 23%, САД раст од 39%, земјите од Западна Европа раст од 12% итн. Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2020 година делумно се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше особено значајно за нив во отежнатите услови за транспорт на стоки.

Вкупните инвестиции во основни средства, во текот на првиот квартал од оваа година, изнесуваат 275.562.000 денари. Во истиот период, реализирани се 56 нови вработувања во земјава. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид, во март оваа година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

“Како последица на преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот од страна на Владата на РСМ, повеќе од 200 вработени од ризичните категории не се во можност да ги извршуваат своите работни обврски од работните места. Понатаму, со цел намалување на ризиците од загрозување на бизнис-континуитетот, обезбеден е систем на ротации, со цел дел од вработените повремено да ги извршуваат своите работни задачи во домашни услови. Целосно е отежнато и ограничено извршувањето на сите теренски маркетинг-активности. Освен со организациски, се соочуваме и со екстерни предизвици. За издвојување се логистичките предизвици. Имено, се соочивме со многу чести и непредвидливи промени во коридорите и со разни други отежнувања во транспортот, со нови процедури и мерки, со застои на граничните премини и тоа речиси во сите земји каде што вршиме испорака на наши производи или снабдување со влезни компоненти. Постоеја и целосни забрани за движење во одредени периоди, на пример во Кина и во Индија. Исто така, се забележа и тренд на пораст на цените на поголем број суровини и репроматеријали, како и нагласена потреба од брза наплата на обврските кон странските добавувачи“, стои подолу во Образложението.

Во претстојниот период, во компанијата очекуваат, во текот на вториот и на третиот квартал да дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до намалување на порастот на приходите од продажби во однос на почетниот квартал. Одржувањето на тековната ликвидност, секако, останува потенцијален предизвик и добива врвен приоритет. Гледано глобално, постепеното олеснување на мерките, рестартирањето на производните капацитети во разни индустрии, воспоставувањето на новите правила и процедури за функционирање во овие сложени услови влеваат надеж дека, иако во многу поотежнати околности, условите за работење полека ќе се подобруваат. Очекуваат резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година.

Фото: Facebook