Во октомври, кредитите на корпоративниот сектор остварија минимална месечна нагорна промена од 0,1% при што зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор во денари е само делумно неутрализирано со падот на девизното кредитирање, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).
Анализирано на годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор бележи раст од 6%, што во поголем дел се должи на зголеменото денарско кредитирање (придонес од 86,7%).
Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор во октомври е забележан месечен и годишен раст од 2,3% и 15,4%, соодветно. Притоа, растот на месечна основа главно се должи на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и во денари (учество во растот од 82,9%), додека годишниот раст во најголем дел произлегува од депозитните пари (коишто објаснуваат 64,9% од растот), а во помал дел и од зголемените краткорочни депозити во странска валута и во денари.