НБРМ: Намалена депозитната база на банките во септември

41

nbrm-logo-pocetna

Првичните монетарни податоци за септември 2017 година покажуваат намалување на депозитната база на банките на месечна основа, предизвикано од падот на корпоративните депозити, додека штедењето на населението продолжи да се зголемува, со забележани поволни поместувања во неговата валутна структура, стои во соопштението на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Нивото на вкупните депозити на крајот на септември е пониско во однос на априлските проекции за третиот квартал. Во текот на септември, на кредитниот пазар, банките продолжија да обезбедуваат кредитна поддршка на секторот население, додека кредитирањето на корпоративниот сектор забележа пад, така што вкупните кредити на крајот на септември, се нешто пониски од очекувањата во рамки на априлската проекција.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките се намали, главно под влијание на повлекувањето на ликвидните средства заради трансакциите на државата што делумно беше надоместено со креирањето денарска ликвидност од интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од девизниот пазар. Во текот на месецот, банките продолжија активно да тргуваат на пазарите на пари, а вишокот средства на нивните сметки го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка.