Оглас за продажба на 10 парцели во новата индустриска зона во Неготино

20

Новоформираната индустриска зона во Неготино може да почне да се гради. Во тек е оглас на кој се бараат инвеститори за 10 градежни парцели на кои ќе можат да се градат индустриски објекти и стоваришта.

Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање во стопанскиот комплекс во општина Неготино.

Станува збор за 10 локации кои се со намена за објекти од лесна индустрија и стоваришта со површини од 4.300 до 18.315 метри квадратни, со процент на изграденост 70%.

Почетната цена на јавното наддавање изнесува 61 денар од метар квадратен, а пријавите за учество на јавното наддавање може да се достават најдоцна до 28.07.2014 на интернет-страницата www.gradezno-zemjiste.mk.

Јавното надавање ќе започне на 31.07.2014 година во девет часот и ќе трае еден час за сите парцели.

Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица и правни лица – државјани на Република Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија и домашни правни лица, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер на Република Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија.