Онлајн работењето – професионален предуслов за успех на секоја компанија

38
Ivan
Иван Петрушевски, сопственик на МКхост

МКхост е компанија која на македонскиот пазар работи 10 години. Според основачот на компанијата, Иван Петрушевски, разбирањето на потребите на корисниците и константната безрезервна професионална поддршка се клучните фактори што ја оформуваат МКхост низ годините.

“Нашата визија и мисија се насочени кон развој на целокупниот македонски Интернет простор. Во денешно време, секој индивидуалец, како и компанија, без проблем може да си дозволи свое онлајн присуство преку сопствен веб сајт, професионална емаил адреса со свое домен име. Меѓутоа, станува збор за релативно нова информациска ера за која, сè уште, треба да се создава свесност кај пошироката јавност. Токму ова е полето на кое работиме врз база на нашите долгорочни планови”, вели Петрушевски.

БИ: Една деценија успешно менаџирате со компанија за регистрација на домени, хостирање и одржување на веб страници. Можете, накратко, да кажете кој бизнис модел Ве доведе до овој успех?

Разбирањето на потребите на нашите корисници и константната безрезервна професионална поддршка се клучните фактори што ја оформуваат МКхост низ годините. Секоја компанија има свои вредности. Ние се насочивме кон помагање на корисниците во остварување на нивното онлајн присуство и комуникација, со нудење професионална поддршка и брзина во одговор на барањата, како и решавање на нивните проблеми и предизвици во онлајн светот. Успехот е неизбежен доколку овие вредности се применуваат константно.

Нашата визија и мисија се насочени кон развој на целокупниот македонски Интернет простор. Во денешно време, секој индивидуалец, како и компанија, без проблем може да си дозволи свое онлајн присуство преку сопствен веб сајт, професионална емаил адреса со свое домен име. Меѓутоа, станува збор за релативно нова информациска ера за која, сè уште, треба да се создава свесност кај пошироката јавност. Токму ова е полето на кое работиме врз база на нашите долгорочни планови.

Компанијата ја водам од моја 18 годишна возраст, без претходни претприемачки вештини, но трпеливоста, константното усовршување, професионалното услужување на корисниците и напорната работа се одличен рецепт за оформување на една успешен бизнис ентитет. МКхост го разби монополот на пазарот и ги намали цените на хостинг и домен услугите.

БИ: Знае ли јавноста што, всушност, работите? Како им објаснувате кои видови услуги ги нудите и што е бенефитот за секој клиент?

ИТ луѓето и онлајн заедницата лесно нè препознаваат и точно ги знаат нашите услуги и квалитетната поддршка што ја нудиме. Официјално, МКхост е лиценциран регистар на македонски домени (.mk, .com.mk, .org.mk…), како и веб хостинг провајдер кој врши хостирање на вашиот веб сајт и емаил адреси.

За наредниот период планираме да ја едуцираме целокупната јавност за позитивните ефекти од онлајн присуството, како на компаниите, така и на индивидуалците кои имаат одлична можност за формирање профитабилен е-бизнис. Според мене, секоја компанија треба да има регистрирано свое домен име на интернет, да креира веб сајт, а најмногу да поседува професионални емаил адреси (со име на домен како компанијата). За жал, сè уште, голем дел од компаниите во Македонија користат емаил адреси од бесплатните емаил провајдери, како што се Gmail или Yahoo на нивните визит картички и промо материјали. Со презентирање на таквата емаил адреса, всушност, не се остава професионален впечаток и сериозност до комитентите.

Бенефитот од поседување на професионална емаил адреса е голем. Првично, се стекнува доверба со сите со кои ќе се комуницира, се прикажува ниво на професионалност (користење на сопствен, а не бесплатен домен и емаил сервис) и многу други технички придобивки (доверливост на податоци, безбедност, флексибилност и поддршка).

Наша цел е да бидеме прв избор кај корисниците во Македонија при потреба од онлајн присуство (регистрација на .mk, .com и други наставки, како и веб хостинг за креирање на веб сајт и емаил адреси).

tim

БИ: Дали се соочувате со опструкции од менаџерите на компаниите кои размислуваат економски при носењето одлуки, без притоа да ја познаваат технологијата и придобивките од нејзиното користење?

Да, лично сум имал дискусии со менаџери на компании кои не секогаш се согласуваат дека поседување сопствен веб сајт и професионални емаил адреси е добро за нивниот бизнис. Дел од нив сметаат дека ова е непотребен трошок (иако станува збор за многу мала сума и во просек изнесува од 40 до 100 евра годишно: за веб хостинг со вклучена регистрација на домен).

Не треба воопшто да се дискутира за поседувањето веб сајт и професионални емаил адреси за компанија. Тоа веќе е задолжително, без разлика на дејноста што ја врши компанијата. Пенетрацијата на Интернет корисници се зголемува со забрзано темпо секоја година, така што комуникацијата, пребарувањето и консултирањето со пријателите, веќе сè повеќе се случува онлајн.

Што мислите, кој повеќе ќе добие – оној кој има онлајн присуство каде ги презентирал своите продукти/услуги на веб сајтот, заедно со брз и лесен контакт податоци или оној кој не постои во онлајн просторот? Многу луѓе користат паметни телефони. Доколку имате веб сајт и поставено Google мапа до вашата локација, тие со едно пребарување и кликање на мапата може да Ве најдат без дополнителни напори и комуникации. Го штедите и цените времето на корисниците и на вашите вработени. Или, едноставно, ги презентирате вашите продукти и услуги онлајн и секој што има потреба од нив, може да пребара, да ги најде и да ги купи вашите производи онлајн.

Затоа потенцирам дека никогаш не може да се изгуби, туку може да се добие поголема продажба, повеќе клиенти, да се зголеми перцепцијата кај корисниците дека станува збор за професионална компанија со сопствен веб сајт. Така што, не штедете на овие „трошоци“ и доколку немате веб сајт и професионални емаил адреси, веднаш пребарајте домен име и активирајте – процесот е многу едноставен и се врши за 5 минути, при што не е потребно техничко знаење.

БИ: Дали имате клиенти само од Македонија или целиот свет е Ваш пазар?

Најголем дел од нашите клиенти се од Македонија, но имаме и клиенти од странство. Најбројни се од балканските земји – се вршат регистрации на .mk домени и закупувања на хостинг пакети за нивните брендови кои сакаат да ги прошират на пазарот во Македонија. Интернетот Ве поврзува со секого во светот. Доколку имате англиска верзија на вашиот веб сајт, отворате можност за продавање на услугите и продуктите и на странски пазар.

БИ: За 10 години постоење, дали воведувате нови производи и услуги за Вашите клиенти?

Нашите услуги, генерално, се поделени во две категории, регистрација на македонски и интернационални домени и веб хостинг услуги. Секогаш тежнееме да нудиме транспарентни и јасни пакети на услуги, како и целиот процес на нарачка и активирање да биде едноставен за клиентите. Уште една дополнителна услуга која е достапна во нашето портфолио е изработка на веб страници и веб базирани софтверски решенија, проследени со одржување и константна поддршка.

Нашата цел е да помогнеме и на луѓето кои немаат доволно ИТ знаење и нивната идеја за онлајн присуство да ја претвориме во реалност. Како растечка компанија имаме во план и развој на нови услуги, а посебно планираме да направиме и еден софтверски продукт кој ќе го поедностави работењето на компаниите.

MKhost-logo

БИ: Какви профили на вработени лица бара вашата професија? Лесно ли доаѓате до квалитетни кадри?

Корпоративната култура на МКХост се базира на транспарентност, тимска работа и точно знаење во која насока се движи компанијата, како за клиентите, така и за самите вработени. Секогаш сакаме да бидеме фер кон вработените, а секако и тие кон нашите клиенти.

Само на тој начин може да оставиме долготрајно позитивно искуство кај клиентите, кои повторно ќе се вратат во иднина и ќе ги користат нашите услуги. Компанијата е во постојан раст и секогаш регрутираме млад и ентузијастички настроен кадар.

Во нашата компанија секоја идеја се цени и се третира подеднакво. Сметаме дека секој вработен може да придонесе кон подобрување на услугите, без разлика на позицијата. Секој вработен директно е поврзан со задоволството кај клиентите и нивната лојалност. Инвестираме во унапредување на знаењето и сметаме дека младите луѓе имаат идеи и енергија и можат многу да придонесат во развојот на една компанија.

БИ: Правите и ребрендирање на брендот МКхост? Во што се состои овој „рифреш“?

По 10 години прогресивна работа, нормален следен чекор е да се фокусираме кон еволуција на нашиот бренд. Тоа подразбира освежување на нашето визуелно претставување во јавноста. Ова не е само графичко ребрендирање, туку и порака до сегашните и идни клиенти дека МКхост е #1 (број еден) хостинг компанија и регистар за домени во Македонија, која секогаш цели кон подобрување на услугите.

Сакаме да прикажеме дека, во денешно време, процесот на креирање веб сајт е многу едноставен, а онлајн присуството е неопходно. Со овој ребрендинг, ќе се претставиме пред сосема нова публика, која досега не била доволно запознаена со нашиот придонес и работење во онлајн просторот.