Приходите во буџетот во август намалени за 14%

33

Приходите во буџетот во август изнесуваат 14,2 милијарди денари што е помалку за 13,9% во однос на лани, соопшти Министерството за финансии.

Кумулативно, од почетокот на годината приходите изнесуваат 119,6 милијарди денари и се на пониско ниво за 8,2% во однос на лани, што е пак благо подобрување во однос на првото полугодие кога приходите кумулативно приходите беа пониски за 9% во однос на лани.

Во август даночните приходи се пониски за 17,1% во однос на лани, додека кај придонесите се забележува пад од 2,7%. Кај даночните приходи има потфрлање на месечно ниво кај ДДВ од 14,3%, кај акцизите од 25%, кај данокот на добивка од 28,9% и кај персоналниот данок на доход од 10,4 %, додека кај увозните давачки се забележува раст од 7,9%.

Расходите во август изнесуваат 17 милијарди денари и се за 5,8% повисоки во однос на лани.

Кумулативно, буџетските приходи заклучно август имаат пад од 8,2% што се должи на пад на даночните приходи од 12,1%. Кумулативно од почетокот на годината се забележува раст на придонесите од 7,1%. Од почетокот на годината заклучно август, има послаба наплата кај скоро сите даноци освен увозните давачки каде растот изнесува 7%. Кај данокот на додадена вредност се забележува кумулативен пад од 13,6%.

Вкупните расходи пак заклучно август изнесуваат 154,5 милијарди денари и се за 11% повисоки во однос на лани, при што тековните расходи се повисоки за 11,2%, додека капиталните за 5,9%. Заклучно со август реализиран е 17,4 милијарди денари дефицит или 75,7% од проектираниот со ребалансот на буџетот.

Министерството за финансии во духот на транспарентно известување за состојбите во буџетот продолжува однапред, на почетокот на месецот или 25 дена пред Календарот за објава, да ги објавува податоците за извршување на буџетот на месечно ниво.