Пристигнуваат првите туристи во Охрид од Бенелукс

39

Со чартер-лет од Амстердам на холандскиот тур-оператор Корендон денеска на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле пристигнува првата група туристи од Бенелукс, со што практично започнува летната туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера.

Станува збор за туристи што имаат закупено аранжмани на Корендон со нивниот македонски партнер Фибула Ер-травел, додека вториот чартер со туристи од Бенелукс е закажан за осми мај, кога доаѓа првата група туристи од Холандија, Белгија и Луксембург кои ќе престојуваат во Охрид и Струга преку аранжманите на тур-операторот ТУИ Аркетравел.

Според Дончо Танески од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ), последниот лет за враќање назад на туристите од Бенелукс што ќе летуваат тука е предвиден за втори октомври, што значи активно присуство на туристи од тој дел на Европа на Охридско-струшката ривиера во период од околу 160 дена.

“Тоа значи дека во периодот што следува во Охрид и Струга седмично ќе престојуваат околу 900 гости од Бенелукс, сместени во 15-тина хотели, а дел од нив во 20-тина приватни апартмани“, рече Танески.

Претседателот на ХОТАМ нагласи дека продажбата на аранжманите за летување во Македонија е подобра од минатата година, кога беше реализирана околу 70 процентна искористеност на закупените капацитети.

“Оваа година очекуваме таа бројка да биде над 80%, што е резултат на поагресивната кампања на двете компании, со благовремено отпочната продажба на аранжманите на Корендон и ТУИ“, истакна Танески.

Првата потврда на зголемената продажба на аранжманите за летување во Македонија беа последните денови од големиот туристички саем во Утрехт, одржан во јануари годинава, што подоцна е потврдено и со зголемениот број резервации во сместувачките капацитети во Охрид и Струга.

Двете холандски туристички агенции Корендон и ТУИ Аркетравел оперираат со сопствени авиони од трета категорија, односно летала со капацитет меѓу 180 и 190 седишта.

Планирано е ова лето на охридскиот аеродром седмично да слетуваат пет авиони со туристи од Бенелукс.