Пуштен во употреба новиот ГИС портал

94

Агенцијата за катастар на недвижности го пушти во употреба новиот ГИС портал, преку кој ќе ги објавува и споделува просторните информации со кои располага.
Порталот, рече вицепремерот Владимир Пешевски, нуди достапност до геолокациите на сите професионални корисници на Агенцијата, односно локациите на одделенијата за катастар на недвижности, нотарските канцеларии, геодетските компании и општините.
“Граѓаните и сите засегнати субјекти ќе можат многу лесно да ја пронајдат најблиската локација каде ќе можат да ги добијат услугите од катастарот, но и други услуги кои им се потребни, а ги извршуваат субјекти опфатени во порталот. Внесени се четири милиони парцели на територијата на Република Македонија, еден и пол милион имотни листови и над 800.000 објекти, а во приказ се и локациите кои се во тек на градба за определн објект. Ќе се наоѓаат и информации кои се во имотниот лист”, појасни Пешевски.
Според Пешевски, со ова ќе се избегнат случаи каде во фаза на изграден објект, ист стан се продаваше на повеќе лица.
ГИС порталот има и посебен дел наменет за професионалните корисници, кои имаат приказ на регионалните објекти во базата на катастарот на недвижности, визуелен приказ на парцелите од премерот во 60-тите, односно нивната архивска состојба, визуелен приказ на парцелите што се во завршна фаза, дигитализација на аналогните катастарски планови, како и алатка со која може да додаваат сопствена геометрија…
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Трпески нагласи дека Агенцијата се труди максимално да придонесе во подобрувањето, администрирањето и управувањето со земјиштето во Република Македонија и на тој начин да го подржи социоекономскиот развој во земјата.
“Новиот геопортал претставува комбинација на податоци, кои изминатите години се собирани од вработените на Агенцијата. Порталот на транспарентен и едноставен начин овозможува пристап до сите геопросторни податоци со кои располагаме, тука може да се видат и 15-те технолошко-индустриски развојни зони дали се во формирање или се формираат, а новите инвеститори ќе може да ја видат состојбата, да измерат растојание до најблискиот аеродром, автопат, железничка станица” рече Трпески.
Секој потенцијален купувач на стан, додаде Трпески, може да ја види локацијата, квадратурата и името на инвеститорот. На веб-порталот се прикажани сите дигитализирани катастарски планови, а ќе се прикажуваат и оние што ќе се дигитализираат, односно геопорталот постојано ќе се надоградува и усовршува со нови содржини и податоци.