Раноградинарите бараат решавање на статусот на земјиштето и повисоки субвенции

12

Проблемите со кои се соочуваат производителите на раноградинарски култури се нерешен статус на земјиштето, скапи енергенси, висок надомест за експлоатација на геотермалните води и ниски субвенции.

Токму поради тоа тие бараат итна средба со претставници на надлежните институции, министерствата за транспорт и за земјоделство, како и со катастарот за надминување на состојбите.

“Да се дефинира статусот на земјиштето, Агенцијата за стоковни резерви да одвои одредена количина мазут, да се преиспита зголемувањето на финансиската поддршка зашто е несразмерна, како и тарифникот за пресметка на потрошените метри кубни вода за загревање, бараат производителите”, рече на денешната прес-конференција Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Изнесувајќи ги забелешките од последниот состанок на Групацијата за оранжериско производство, Ристовски нагласи дека последните измени на Законот за земјоделско земјиште направија уште поголема забуна во однос на сопственоста и дополнително ги оптоварија производителите, цената на мазутот од 2007 до 2013 година е зголемена за 249%, а на геотермалните води од 1,8 денари за метар кубен на 8,4 денари.

Поради актуелните проблеми раноградинарите не можат да користат банкарски кредити, ниту да аплицираат за ИПАРД-средствата. Воедно е доведено во прашање и производството кое, наместо во регуларниот период, ќе доцни и ќе се совпадне со понудата на пазарот од странство.

Во Македонија има 17 оранжерии со 200 хектари активно производство. Во нив работат 1.360 лица.

“Ако проблемите се решат, бројот на вработени би можел да достигне 3.600, а наместо 20 милиони евра девизен ефект, од извозот би можеле да се реализираат 30 милиони евра”, истакна Ристовски, додавајќи дека моментно се искористени само околу 50% од капацитетите.

Производителите на раноградинарски култури се соочуваат и со нелојална конкуренција со оглед дека производната цена на килограм домат кај нас чини 40 денари, а од надвор, најчесто Албанија, Турција, Кина, се увезуваат за 30 денари.