Рекордна загуба на словенечкиот банкарски сектор во 2012

22

slovenija bankiБанка на Словенија се уште официјално не ги објавила податоците, но судејќи според декемвриските отписи, минатогодишната загуба на словенечкиот банкарски сектор досегна рекордни 600 до 650 милиони евра, пишува словенечки Финанце.

Овој износ е поголем од било која досега остварена годишна добивка на словенечкиот банкарски сектор, додава весникот.

НЛБ, најголемата словенечка банка лани прокнижи преку 100 милиони евра капитални приходи благодарение на предвремениот откуп на хибридни инструменти по дисконтна цена, а сличен потег во декември повлече и НКБМ со приход од 32 милиони евра. Дополнителни 20 милиони евра мариборската банка доби од продажбата на Заваровалница Марибор. Без овие капитални приходи, загубата во банкарскиот систем би надминала 800 милиони евра.

Вредноста на отпишаниот имот во декември, според податоците на словенечката влада за макроекономски анализи, изнесува 470 милиони евра, што е за 46 милиони евра повеќе отколку во 2011 година.

Вредноста на отписите и резервациите минатата година достигнала скоро 1,5 милијарди евра, скоро 30% повеќе отколку во 2011 година. Според неофицијални податоци, главнината на отпишаниот имот отпаѓа на НЛБ.