Сарачини најави отвoрање на туристички развојни зони

25

valjon-saracini1.jpg-5001Министерот економија Ваљон Сарачини денес се обрати на собраниската седница на чиј дневен ред се пратенички прашања за вкупните приходи остварени во Република Македонија од оваа летна сезона, споредено со приходите остварувани во минатите години.

Тој посочи дека бројот на туристи во Република Македонија, според последните податоци од Државниот завод за статистика, се зголемува за 12% секоја година. До 2020 година целта е, како што рече, приходите од туризмот да постигнат 5% од вкупниот БДП.

Сарачини информираше дека минатата година приходите од туризмот изнесувале околу 180-200 милиони долари, а годинава, согласно последните податоци, се 138 милиони долари.

Министерот исто така најави поволни кредити за развој на руралниот туризам, а секое село, подвлече, може да планира да направи промотивни туристички рурални куќи, кои ќе се категоризираат согласно закон.

Сарачини потсети дека Владата за развој на туризмот има преземено и мерки поврзани со туристичките агенции и авиопревозниците, а во таа насока во април 2013 година се планираат нови три авиолинии за да се зголеми бројот на странски туристи.

Најави и отворање шест до осум туристички развојни зони, каде ќе се нудат бенефиции за изградба на хотели во Македонија. Тој информира дека се подготвува и проект за промоција на еко туризам, односно посета на националните паркови, а изготвено е и туристичко упатство за домашните туристички агенции за задолжителна понуда на домашниот туризам.