Што е факторинг?

1023

plateno-pixabay

Фото: Pixabay

Скоро и да не постои компанија која не се соочува со финансиски проблеми, потешкотии при наплата, кратки рокови за исплата, авансно плаќање, одложена наплата… Сето тоа го носи современиот начин на соработка меѓу компаниите, што наметнува користење финансиски инструменти преку кои ќе може да се постигнат повеќекратни ефекти во корист на двете страни.

Факторингот е еден од тие инструменти што може да биде од голема помош за лицата задолжени за управување со финансии во компанијата. Во литературата постојат бројни дефиниции за тоа што е факторинг, а една од нив вели дека факторингот е продажба на краткорочни недоспеани побарувања на факторот (финансиска институција што ја нуди услугата) за одреден дисконт, а добиените средства се користат за финансирање на останатите деловни активности.

Симплифицирано, факторингот ги трансформира побарувањата од купувачите во готовина, што е чекор кон подобрување на ликвидноста на компанијата. Оваа финансиска услуга најмногу им одговара на компании што ги продаваат своите производи или услуги на одложено плаќање, а во исто време обврските кон добавувачите мора да ги подмируваат авансно (пред време).

Главни предности за компанијата што го користи факторингот е во тоа што ја подобрува ликвидноста на финансиите, нуди поголема флексибилност во преговорите со потенцијалните клиенти, давајќи им поповолни услови за соработка и на тој начин создава конкурентска предност на пазарот.

“Факторингот комбинира кредитна заштита, регистар на побарувања, наплата на побарувања и финансирање за компаниите што продаваат производи и услуги со одложено плаќање пократко од 180 дена. МБПР откупува фактури и исплаќа аванс по основ на доставена фактура во износ од 80%“, стои на официјалната страница на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).

Авансното плаќање, како што се наведува, се нуди со каматна стапка што се пресметува до моментот на плаќање на фактурата од страна на купувачот. Како гаранција служи фактурата за реализирана продажба на производи или услуги помеѓу продавачот и купувачот, осигурување на побарување и меница.

Кај факторингот, предмет на договарање се само краткорочни побарувања со рок од 30 до 120 дена.

Историски анализирано, факторингот се среќавал во меѓународната трговија, но подоцна добил широка примена и во внатрешниот промет. Корените на оваа услуга лежат во англосаксонското право, но за брзо време се проширила и била прифатена и во земјите од Европа. Во пракса, факторингот се појавил во САД како комисиона работа, каде што агентите односно факторите истапувале во свое име, а за сметка на своите клиенти. Услугите на американските фактори најмногу ги користеле европските извозници, бидејќи домашните фактори гарантирале дека купувачите во САД ќе ја платат увезената стока.