Шведска ја менува стратегијата за справување со коронавирусот

174

Главниот шведски епидемиолог Андрес Тегнел, долго го бранеше отворениот шведски модел за справување со пандемијата од коронавирус, но оваа недела тој ќе се сретне со локалните власти за да се договорат за локални мерки за ставање под контрола на жариштата.

Локалните власти треба да ги советуваат луѓето да не ги посетуваат јавните места како што се трговски центри, музеи, спортски сали, спортски натпревари, јавен превоз. Но, се посочува дека овие ќе бидат само препораки за кои нема да има казна ако некој одлучи да не ги почитува, пренесува Business Insider.

Бројот на новозаразени расте на глобално ниво, а во Шведска последните денови бројот не е под 500.

За разлика од нејзините нордиски соседи и повеќето други земји, Шведска не спроведе мерки за карантин во целата земја при првиот бран на пандемијата. Наместо тоа, владата предводена од премиерот Стефан Лофвен ги остави отворени продавниците, баровите и рестораните и не ги затвори училиштата.

Од усвојувањето на оваа стратегија Шведска забележа многу повисока стапка на смртност по глава на жител за разлика од нејзините соседи: 5.918 смртни случаи заклучно со понеделникот, во споредба со Норвешка (278 смртни случаи) и Финска (351 смртен случај).

Јоаким Роклов од Универзитетот Умеа вели дека Шведска ќе се префрли на стратегијата што е поблиска до онаа што ја усвоиле повеќето други влади. Така, локалните власти ќе почнат со препораки за избегнување на јавни места, како што се трговски центри, музеи, спортски сали, концерти и спортски натпревари. Исто така, може да се побара од Швеѓаните да избегнуваат јавен превоз и контакт со оние што се сметаат најранливи на вирусот.

Јохан Нојд, кој е на чело на одделот за инфективни болести во Упсала, посочува дека ќе се воведат поостри ограничувања за градот, како нови правила за угостителството доколку бројот на заразени продолжи да расте.

“Веројатно ќе разговараме за концертите и рестораните и ќе ја разгледаме можноста Агенцијата за јавно здравје да даде препораки да не се седи во ресторани доцна во ноќта“, вели тој.

Епидемиологот Тегнел изјави дека нивото на колективен имунитет во градовите во Шведска не е толку високо како што неодамна веруваа здравствените власти.

Фото: Pixabay