Создадовме препознатлив концепт на пазарење и квалитетно поминато слободно време

253
1i
Даниела Адемоска, сопственик и генерален директор на Капитол Мол

Вкупната инвестиција на целиот деловно-станбен комплекс, каде што влегуваат трговскиот центар Капитол Мол и станбениот дел – Капитол Резиденс, е околу 30 милиони евра. Тоа е домашна инвестиција, поддржана од домашни банки, на која работеа дваесетина домашни и странски градежни компании и која, на крајот, отвори околу 500 нови работни места.

БИ: Од каде идејата за отворање на трговски центар во Аеродром, зошто ја одбравте токму оваа скопска населба? Која е вашата целна група?

Во овој случај не станува збор само за идеја, туку за цел еден концепт. Со овој концепт сакавме да понудиме нешто поразлично, автентично и поинтересно во општина која е една од најголемите во главниот град, која е дел од метрополата каде што живеат најмногу млади брачни парови, млади семејства со деца, но и со значителна популација во зрели години. Значи, на аеродромци, на сите оние што живеат во овој дел на градот, но и на сите скопјани и намерници надвор од Скопје и државата, сакавме да им ставиме на располагање еден современ концепт на мол, кој што се темели на семејните вредности, потреби и желби. Односно, простор кој зрачи со позитивна енергија, топла атмосфера, каде што секој ќе си најде по нешто од сопствен интерес, а воедно ќе има и квалитетно поминато слободно време. Многу сум среќна што сите овие вредности луѓето ги препознаваат и Капитол Мол го доживуваат како пријатно место кое што ја има таа препознатлива топла и домаќинска атмосфера, а воедно го има и шмекот на современите светски трговски центри и галерии.

3i

БИ: Колкав капацитет има овој трговски центар? Кои се брендови се застапени, како се врши селекцијата на брендови?

Капитол Мол располага со шеесетина локали/деловни едници и многу е внимавано точно да се димензионираат просторот, функционалноста и, секако, миксот на понудата – и на индустрии и на брендови. И понатаму внимателно го слушаме пулсот на потрошувачите и посетителите на Молот, така што константно сме во потрага по балансот на нашиот концепт и на побарувањата на пазарот, како и на ценовното позиционирање на застапените брендови. На четирите нивоа на Капитол Мол (приземје, прв, втор и трет кат), се е подредено на вкусовите на нашите посетители.

На приземјето се супермаркетот на Рамстор, потоа телекомуникациски услуги, менувачница, оптика, бижутерија, парфимерија, продавници за долна облека, за подароци и цвеќарница, за здрава храна, како и за чевли, а за многу кусо време ќе биде отворен и локалот на светски познатиот моден бренд – Том Тејлор. На западниот агол на Молот е сместен лаунџ барот Дежа Ву, кој од ден на ден станува се попопуларен во градот, додека на источната страна е позициониран познатиот бренд за кафе-пиење и дружење – Кафе Ди Рома.

2iПрвиот кат е резервиран за модата за сечиј вкус, преку интернационалните и регионалните  брендови како што се Кампионе, Мек Грегор, Котон, Колезионе, Сарар, Ава, потоа Дуки Дасо, а на ова ниво е сместен и добро познатиот ланец ДМ.

Вториот кат е наменет за спортот и за најмладите, каде што се наоѓаат локалите на Кидс Стор (мултибренд продавница за детска облека), потоа продавницата на Крш со добро познатите детски интернационални брендови на облека и играчки, потоа препознатливиот бренд на Спорт Вижн со понуда на спортска опрема од најпознатите светски производители, како и супер модерниот Капитол Фитнес Центар за вежбање и рекреација.

Третиот кат е за храна и забава. Без оглед дали преферирате храна, закуска, сладолед, кафе и слично, тоа ќе го уживате на пространата тераса со прекрасен поглед на Скопје. Во делот за забава, тука е веќе препознатливиот бренд на детската игротека Кидс Парк, потоа центарот за кугање и билијард 4Боулинг, комплетно опремен од светскиот број 1 производител, американскиот Брунсвик. Во периодот што следува, овие содржини ќе се збогатат со реализацијата на уште еден проект за тинејџери и адолесценти, така што би ја заокружиле понудата на Молот во она што, всушност е и наше мото: Мој Мол… Мое Место!

БИ: Што ве разликува вас како мол од останатите трговски центри во Скопје?

Нема голема филозофија: тоа е новиот концепт за кој што говорев погоре, тоа е топлата и пријателска атмосфера, тоа е фамилијарниот шмек на Капитол и внимателно одбраниот бренд-микс – јас не би рекла на закупци, туку – на наши партнери во трговскиот!

БИ: Колкава е инвестицијата на молот?

Вкупната инвестиција на целиот деловно-станбен комплекс, каде што влегуваат трговскиот центар Капитол Мол и станбениот дел – Капитол Резиденс, е околу 30 милиони евра. Тоа е домашна инвестиција, поддржана од домашни банки, на која работеа дваесетина домашни и странски градежни компании и која, на крајот, отвори околу 500 нови работни места.

4i

БИ: Какви настани имате во кои директно можат да се вклучат граѓаните?

Од отворањето на Капитол Мол и Резиденс на 12 декември 2013 година, до сега, за десетина месеци, сме направиле преку педесетина поголеми и помали настани во трговскиот, таргетирани широко или наменети за потесна целна група, како децата на пример, што значи дека практично сме имале минимум по пет случувања месечно. И речиси во сите овие настани граѓаните, и како поединци и како здруженија, организации и слично, ја имаа улогата на учесник, а не само на нем потрошувач. Таа интеракција, всушност, му ја дава душата на Молот. Еве, како последна акција би го споменала вклучувањето на Капитол во големата кампања на МВР за безбедност во сообраќајот, каде што припадници на полицијата во трговскиот ги едуцираат, ги информираат, разговараат со граѓаните и ги сослушуваат нивните предлози за безбедноста во сообраќајот.

БИ: Кои се вашите планови за до крајот на оваа година?

Претходно го најавив доаѓањето на Том Тејлор, а многу сум задоволна што во оваа прилика можам да го најавам и приклучувањето во семејството на Капитол Мол на мега популарниот бренд Ваикики! За овој бренд не треба многу да се говори, па затоа само ќе најавам дека наскоро со нашите цените потрошувачи и посетители заедно ќе ги одбројуваме деновите до официјалното отворање на Ваикики во Капитол. Потоа, можам да најавам уште некои новитети, брендови и содржини, наградни игри и програми на лојалност, но ајде да не кажеме се на едно место и веднаш, туку да оставиме простор повторно пријатно да ги изненадуваме пријателите на Капитол.

Секако, на 12 декември заеднички ќе го славиме Првиот роденден на Капитол Мол, така што сите нека се подготвуваат за голема забава!