Триглав Осигурување Скопје: Со стабилно и доверливо работење до добри резултати

19

triglav-osiguranje

Триглав Осигрување АД, Скопје, со своето стабилно, професионално и доверливо работење оствари добри резултати во третиот квартал од 2017-та година, стои во соопштението.

Компанијата обезбеди бруто полисирана премија во износ од 16,7 милиони евра, што е за 1% подобар резултат споредено со истиот период минатата година. Најдобар индикатор за успешното работење во основната осигурителна дејност е комбинираниот коефициент, којшто во дадениот период изнесуваше 97,5%. Количникот под 100 го одразува позитивното работење во доменот на неживотно осигурување.

Главниот извршен директор на компанијата, Ѓорѓе Војновиќ, смета дека особено значајни се резултатите коишто Триглав Осигурување континуирано ги остварува во доменот на доброволното приватно здравствено осигурување, каде, на крај на третиот квартал од 2017-та година беше постигнат раст  во бруто полисирана премија од 14% во споредба со истиот период минатата година.

“Исклучително важно е да го следите развојот и новите трендови на пазарот на којшто работите, како би имале слух за неговите потреби. Доброто познавање на приликите во стопанството нѐ поттикна први на пазарот да воведеме потполно нов производ – осигурување на побарувања, од кој што во голема мера постои потреба во корпоративниот сегмент. Овој производ ги штити нашите клиенти и обезбедува навремена и потполна исплата на нивните побарувања, го стабилизира нивното финансиско работење и ја подобрува нивната конкурентност, а со тоа и продажните резултати“, изјави Војновиќ.

Групацијата Триглав, овогодинешниот деветмесечен период го заврши со добивка пред оданочување во висина од 64,5 милиони евра. Доколку се земат предвид предвидените прилики до крајот на годината, во Заваровалница проценуваат дека ќе се оствари годишниот план. Консолидираната бруто полисирана премија од осигурување изнесуваше 777,1 милион евра, што е 8% повеќе во однос на истиот период минатата година. Бруто износите за штети се зголемија за 5%, на висина од 467,4 милиони евра, како последица од зголемувањето на осигурителното портфолио и зачестеноста на штетните настани, споредено со минатата година.

Комбинираниот коефициент на Групацијата Триглав останува поволен (95,3%) и на ниво на неговата просечна целна вредност за стратешкиот период. Групацијата, во тешките околности на пазарите на капитал, успешно управуваше со финансиските инвестиции во вредност од 3,1 милијарда евра, во согласност со својата релативно конзервативна инвестициска политика. Триглав Осигурување Скопје, којшто е дел од Групацијата Триглав, во деветте месеци од 2017 година забележа раст во премија и успешно работеше во својата основна дејност.