Втора студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

4

Енергетската ефикасност и одржливиот развој се светски актуелни прашања за кои, секојдневно, се развиваат нови и иновативни решенија, е темата на која од денеска до сабота ќе се дебатира на Втората студентска конференција Енергетска ефикасност и одржлив развој, што се одржува под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Според организаторите, целта на оваа конференциjа е на едно место да се обединат студентите, претставниците од академската средина и компаниите кои се занимаваат со енергетската ефикасност и одржливиот развој за да се овозможи научно-истражувачка работа.

“Преку конференцијата ќе се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите, кои ќе придонесат за оформување поквалитетни академски кадри во областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој“, рече проф. д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ.

Тој нагласи дека областите што се обработуваат на конференцијата опфаќаат нови технолошки решенија за актуелните проблеми како глобалното затоплување, прекумерното загадување и недостатокот на ресурси.

“Сакаме да ги промовираме новите технологии и методи за енергетска ефикасност и одржлив развој преку активно вклучување на студентите од ФЕИТ и другите факултети во истражувањата и примената на обновливите извори на енергија, енергетски ефикасните уреди и материјали, како и нивна примена во градежништвото, архитектурата, земјоделството и други сектори кои се во функција на одржливиот развој“, истакна проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ.

Конференцијата е организирана со поддршка на МАКО СИГРЕ и Македонската секција на ИЕЕЕ. На неа со свои трудови и презентации учествуваат студенти, додипломци и постдипломци, претставници од академската средина, како и компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.