Здружената стопанска комора на Западен Балкан повика на изградбата на заеднички пазар без бариери

21

Деловниот совет на здружената комора на шесте економии од Западен Балкан на својата инаугуративна седница ги повика владите во регионот и сите учесници во процесот на регионалната интеграција да ја поддржат и забрзаат идејата за изградба на заеднички пазар без бариери, а ЕУ да обезбеди инклузивно проширување, односно целосно отворање на европскиот пазар за компаниите и производите од регионот и пред полноправното членство на земјите, во области каде што се исполнети европските стандарди, хармонизирани правилата и воспоставени институциите.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, членови на Деловниот совет се истакнати бизнисмени, лидери на големи регионални деловни системи, како македонските Алкалод и М6/Тиквеш, српските Еликсир груп, Нелт и Милшпед, албанските БАЛФИН, Агна и Инфософт груп, босанските МС Вуд, Сараево кисељак и Микроелектроника, косовските Деволи корпорација и Алби груп и црногорските Воли, Требјеса и Портонови.

“Деловниот совет на заедничката трговска комора на регионот, кој се состои од сопственици и управители на 16 големи деловни системи од сите шест економии на Западниот Балкан и речиси од сите производствени и услужни сектори и кои имаат компании и деловно работат низ целиот регион, вработуваат 25 илјади луѓе и заедно остваруваат повеќе од 2,8 милијарди евра годишен приход, ќе ги застапуваат интересите на приватниот сектор на целиот регион, изјави Марко Чадеж, претседател на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Србија (ПКС).

Како што соопшти ПКС, врз основа на мерливи критериуми, Деловниот совет ќе го следи напредокот во спроведувањето на Планот за заеднички регионален пазар, кој се очекува да биде усвоен следната недела во Софија на Самитот ЕУ-Западен Балкан и во чие создавање активно учествуваше и деловната заедница од регионот.

Со цел да се обезбеди слободен побрз проток на луѓе, стоки, услуги и капитал во регионот, според членовите на Деловниот совет, најважно е владите најитно да ги стандардизираат и обезбедат меѓусебно признавање на сертификатите и другата трговска документација што ги придружува стоките, како и да се подобри инфраструктурата на граничните премини, усогласување на работното време на граничните служби и забрзување на царинските постапки, обезбедување побрз проток на стоки и царинење без хартија. Според стопанствениците, подеднакво важно е да се реши прашањето за фискализација на регионално ниво, да се потпише најавениот договор за работни дозволи, да се усогласат лиценците и софтверот, да се олеснат меѓукомпаниските трансфери и да се намалат интрарегионалните плаќања.

Фото: Pixabay