Како настана Lidl и кој е негов сопственик

1309

Деновиве медиумите од регионот ја пренесоа веста за тоа дека германскиот малопродажен синџир Lidl ја разгледува можноста за влез на пазарот во Босна и Херцеговина. Влезот на тој пазар може да се очекува за две години, а на крајот би можеле да се отворат до 30 маркети, во зависност од големината на градовите.

Lidl веќе го има во повеќе земји од регионот, каде што покажува солидни резултати.

Засега овој бренд не планира влез на македонскиот пазар. Во моментов има маркети во 29 земји во Европа и во САД. Последната голема експанзија на компанијата беше во 2018 во соседна Србија, каде досега се отворени 41 маркет. Синџирот поседува повеќе од 11.000 супермаркети во речиси сите земји членки на ЕУ, како и во Србија и Велика Британија. Во регионот, освен Северна Македонија, Lidl нема уште и во Албанија, Косово и Црна Гора.

Најголем дисконтер во Европа

Schwarz Gruppe, која ги опфаќа Lidl и Kaufland е моментално најголем дисконтер и трговец во Европа.

Годишните приходи на Schwarz Gruppe минатата година прв пат надминаа 100 милијарди евра, а 80% се однесуваат на Lidl.

Моделот на Lidl е популарен затоа што е супермаркет со попусти. Токму овој модел ја покажа својата ефикасност на голем број пазари и во силниот, понекогаш неверојатен раст. Lidl направи голем напредок затоа што се сменија клиентите кои веќе не се срамат да купуваат со попуст. Lidl некогаш се сметаше за маркет за сиромашните.

Сопственикот на оваа компанија, Дитер Шварц (80), во моментов е најбогатиот Германец со имот вреден 41,8 милијарди евра.

Приказната на Шварц започнува со неговиот татко, Џозеф Шварц, кој од 1930-та година со својот деловен партнер имал компанија за трговија со јужно овошје. Во 70-тите години на минатиот век, Дитер го наследил бизнисот од неговиот татко и почнува со јасна визија да го преслика работењето на Aldi. Но, тој не го земал своето име за име на компанијата Schwarz Markt бидејќи во превод би значело Црн пазар, па решил за 1.000 германски марки да ги откупи правата за името од деловниот партнер на неговиот татко – Лудвид Лидл.

Kaufland како бренд го основа во 1984 година. Хиерархијата на управување е многу едноставна – Дитер Шварц преку својата компанија, којашто има 0,1% од сопственоста на Lidl, има 100% право на одлучување во концернот. Сите останати 99,9% се во сопственост на Одборот, на чие чело е повторно тој. Управување на компанијата ја пренел на Фондацијата што го носи неговото име, па со тој потег ги спречува идните наследници да ја растурат компанијата.

Меѓу народот, Шварц е многу почитувана личност која сака да пие кафе меѓу обичните луѓе. За него има различни приказни, а една од нив е дека го помешале со муштерија во сопствената продавница.

Фото: Facebook