МАР незадоволни од зголемувањето на износите на глобите предвидени во предлог законот за минерални суровини

60

Потпретседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР) и сопственик на каменолом Шефки Алити не штеди зборови на критика во однос на предложениот закон за минерални суровини. Незадоволен од како што вели “игнорантскиот“ однос на Владата, особено на министерот Бектеши, тој во интервју за Локално предупредува на негативните ефекти на некои од решенијата, особено на оние кои се однесуваат на заострување на условите за работа на концесионерите. Состојбата според него и досега била тешка, особено кај каменоломите, но тоа не ја спречило Владата да ги поскапи концесиите за експлоатација.

“До 31.12.2020 г. плаќавме 9 денари по продаден тон, а од 01.01.2021 плаќаме по 11,70 денари по продаден тон. Разликата е 2.70 денари, а во проценти ова поскапување изнесува 23%“, вели Алити.

 

Во меѓувреме поскапена е нафтата и струјата, што според него само ја влошило сегашната ситуација во која каменоломите се на нула, без добивка.

“На владините претставници ми порачав дека во вакви услови е најдобро да им ги предададам клучевите од каменоломот каде што што сум јас сопственик, бидејќи ќе бидеме посреќни доколку останеме без него“, посочува Алити.

Алармира дека во изминатиот период биле затворени шест каменоломи во Струга на кои Министерството за економија им ги одзело концесиите, порачувајќи им дека  треба да ја вратат техничката документација (проектот) кој чини 50.000 евра.

“На овој начин, без работа и извор на приход, останаа 50 домаќинства“, вели Алити. “Сакам да посочам дека како МАР сме незадоволни и од зголемувањето на износите на глобите кои се предвидени во предлог законот за минерални суровини. Ваквиот чекор е контрапродуктивен имајќи ја предвид исклучително тешката економска ситуација во државата. Политиката и ветувањата на Владата беа дека казните треба да се намалуваат, па оттука не ја разбирам последнава тенденција“, нотира Алити.