АмЧам ги избра новите членови на Одборот на директори

3

Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) на редовното годишно 15. Генерално собрание ги избра новите членови на Одборот на директори, пишува Миа.

Новиот Одбор на директори го сочинуваат Селим Шимбил, генерален директор на Вабтек МЗТ Скопје, кој е реизбран на функцијата, како и новоизбраните членови Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Соња Тодорова, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара АД Скопје, Борка Петровска, менаџер на администрација во Фени Индустри од Кавадарци, Славко Пројкоски, главен финансов директор во Македонски Телеком, Мирослав Марчев, директор за правни услуги и даноци во Прајсвотерхаус Куперс – Скопје и Емре Козлу, генерален менаџер, Филип Морис – ТКП, Скопје.

На Собранието присуствуваа преку 90 претставници од компаниите членки на Комората. Настанот го отвори амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, кој нагласи дека АмЧам Македонија е најактивна странска и локална бизнис асоцијација во делот на заземање за деловната заедница, укажувајќи дека демократски е да се слушнат и другите ставови и мислења, без разлика дали се согласуваме со нив или не.

Сегашниот претседател на Одборот на директори, Мирослав Марчев изрази загриженост за дефокусирањето на законодавачите во изминатиот период, што, како што рече, придонесе компаниите да се соочат со многу предизвици поради изменетите законски решенија, притоа посочувајќи неколку примери на кои официјално реагирала и АмЧам Македонија.

Тој посочи дека АмЧам е отворена за соработка со другите бизнис асоцијации и комори, со цел остварување заеднички цели кои ќе придонесат за подобро деловно опкружување.

Пред работниот дел, беше презентирано и видеото кое го подготви АмЧам како дел од планираните активности за одбележување на 15- годишнината од своето основање.