Бесими: Бизнис заедницата покажа доверба во економијата и антикризните мерки

65

Полнењето на државната каса оди според планот и приходите се на повисоко ниво во однос на преткризниот период минатата година. Досегашната добра кондиција на буџетот се должи на преземните мерки, но и довербата на бизнис заедницата. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, според калкулации на Министерството за финансии е амортизиран за 3,9 процентни поени, доколу се има во предвид мултипликаторот од инвестициите овој ефект е уште поголем, односно над 4,2 проценти според некои прелиминарни анализи во Министерството за финансии, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во Утрински брифинг.

“Полнењето на буџетот е согласно проекциите. Во однос на вкупните приходи заклучно 26 март, тие се реализирани со 21,6%, додека расходите со 22,1% и капиталните расходи со 15,5% од планот. Од почетокот на годината до 26 март, споредено со истиот период лани, имаме раст на приходите по основ на даноци за 4,8% и по однос на придонеси за 3,5%”, рече Бесими.  

Министерот за финансии посочи дека овие резултати се должат, од една страна, на стимулот на економската активност преку пакетите антикризни мерки, а од друга страна на довербата од бизнис заедницата, која и покрај кризата не се откажа од инвестициите и се воздржа од масовни отпуштања.

“Бизнис заедницата покажа доверба во политиките и проекциите,  не се откажа од инвестициите и не направи масовни отпуштања. Гледаме дека дел од компаниите дури имаа остварено и добивка во текот на 2020 година. Имаше и преструктуирање на дел од стопанството – дел од економијата се надополнуваше со секторите кои беа поекспанзивни во овој период, тоа се ИТ-индустријата, фармацијата, производство на машини и опрема, кои бележат раст. Има преструктуирање и во делот на приватната потрошувачка. Се забележува зголемување на потрошувачката на производите за основна потрошувачка, односно прехранбените производи, како и на трајни добра за домаќинства”, вели Бесими.

Тој посочува дека петтиот пакет предвидува мерки кои освен што ќе го поддржат бизнисот, ќе ја стимулираат и економската активност преку поддршка на инвестициите и зголемување на бројот на вработените. На тој начин ќе се делува кон забрзување на заздравувањето на економијата, а понатаму и кон забрзување на економскиот раст.