Бизнис секторот ќе врши практична за обука на апсолвенти и постдипломци

21

young-people-at-desksМакедонската мрежа на ментори (МММ) од Скопје ќе им овозможи на апсолвенти и постдипломци да учат од ментори и да стекнат конкретни, професионални знаења и вештини во различни области.

Менторската поддршка е со цел младите луѓе да имаат поуспешна подготовка при вработувањето или евентуалното отворање сопствени бизниси.

На првиот Менторски појадок, кој ќе се одржи утре, МММ организира средба на повеќе од 30 ментори од бизнис секторот, информатиката, политиката и спортот, како и претставинци од владини институции и невладини организации.

При тоа тие ќе се запознаат со мисијата и визијата на МММ, ќе договорат меѓусебно вмрежување и воспоставување соработка.

“Така ќе се создаде најдобрата менторска мрежа меѓу студентите кои се на последна година од нивните студии, постдипломците и младите професионалци со бизнис секторот како продолжен облик на неформално образование, но и вмрежување на менторите кои ќе создадат свој круг на бизнис партнери со иста или слична деловна стратегија за развој”, велат од Македонската мрежа на ментори.

Инаку Македонската мрежа на ментори е непрофитна организација, формирана со слободно здружување на граѓаните. МММ е формирана заради остварување и усогласување на заедничките цели и интереси и заради вршење дејности и активности во ментор-штитеник односите преку споделување професионални искуства, интереси и уверувања на економски, социјални, културни, стручни, технички, образовни, спортски и други полиња.