Чиста вода со помош на сончева енергија: Револуционерен уред може да биде спас за 660 милиони луѓе

71

Според Светската здравствена организација, 660 милиони луѓе немаат пристап до чиста вода за пиење. Една компанија од Виена помага да се промени таа состојба.

Електроинженерот Мартин Везијан се разболел од колера пред 10 години, додека патувал низ Венецуела, затоа што пиел нечиста вода. После тоа, тој се посветил на наоѓање решение за третирање на таква вода.

Резултатот од неговиот ангажман е WADI, уред којшто го мери квалитетот на водата за пиење.

“Во водата има одредена количина на микроби кои ги разболуваат луѓето. Ако водата се полни во шишиња што се ставаат на сонце заедно со уредот, тоа сигнализира дека процесот на дезинфекција е завршен и дека водата е подготвена за пиење“, објаснува Везијан.

Водата се дезинфицира со употреба на сончева енергија, процес препорачан од Светската здравствена организација. Водата од реки, бунари и езерца се става на сонце во PET пластични шишиња. УВА зрачењето убива микроби, додека WADI мери УВ зрачење, односно колку време е потребно за водата да биде подготвена за пиење.

Уредот се развива во Виена, а производството се наоѓа во австриската област Ворарлберг и Индија.

Фото: Solarimpulse.com