Доаѓа нова класа на олигарси, сè потсетува на злогласните 90-ти

195

Русија објави дека размислува за запленување на имотот на странските компании што ја напуштаат земјата – и на тој начин може да создаде нова класа на олигарси, изјави за Business Insider Хасан Малик, руски финансиски експерт.

„Оние кои ќе успеат да стекнат сопственост на конфискуваниот имот по продажни цени преку државни аукции, би можеле да станат нова класа на олигарси и тајкуни. „Секако дека постои ризик дека сме сведоци на создавање на нова класа на олигарси“, изјави Малик за Business Insider.

Како што меѓународните компании масовно ја напуштаат Русија, тие оставаат зад себе имот како што се фабрики и канцеларии и слични недвижности кои сè уште се функционални. Според Асошиејтед прес, рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе преземе такви неактивни, но продуктивни средства, велејќи им на владините претставници дека Кремљ ќе се обиде да „воведе надворешно управување и потоа да ги пренесе тие компании на оние кои всушност сакаат да работат“.

Почнуваат аукциите

Како што објави Блумберг пред десетина дена, руското Министерство за економија објави дека имотот може да се продаде на аукција.

„Овие аукции би можеле да ја одразат контроверзната програма за „заеми на акции“ од 1990-тите, започната од поранешниот руски претседател Борис Елцин“, изјави Малик.

Да потсетиме, во тоа време, богати руски бизнисмени и банки блиски до владата и позајмија пари на владата во замена за акции во државни индустриски компании. Акциите беа купени по „ниски цени“, а Малик ги опиша зделките како „слатки зделки“ бидејќи кога руската држава „предвидливо доцнеше“ со заемите, доверителите им ги запленија акциите. Ова создаде генерација на нечуени богати олигарси“, објаснува Малик, кој е и автор на книгата „Банкери и болшевици“, која се занимава со финансиите во раните 1900-ти за време на Руската револуција.

Најбогатиот човек во Русија, Владимир Потанин, го заработи своето богатство преку шема за позајмување акции кога го купи Норникел, а на сличен начин стана милијардер и Роман Абрамович, кој го стекна контролниот удел во Сибнефт преку програмата.

Како што предупредува Малик, денес руската влада, на која во моментов и се очајно потребни  средства поради меѓународните санкции со кои се соочуваат, би можела повторно да го пренесе запленетиот странски имот на омилените инвеститори со попуст.

Имајќи го предвид нивното минато, многу е можно да се случи вакво нешто“, вели тој во интервју за Business Insider.

Нови инвеститори

Тој, исто така, забележува дека Кремљ може да отвори такви аукции за странски играчи и инвеститори, што би можело да привлече инвеститори кои бараат пат до тој пазар.

„Можеби има играчи од земји кои биле навредени од западните санкции“, рече Малик, додавајќи дека потенцијалните инвеститори би можеле да дојдат од земји како Кина, Индија или Блискиот Исток кои не ја осудиле руската инвазија на Украина.

Малик смета дека меѓу нив Кина најверојатно ќе го преземе водството во потрагата по инвестиции во Русија, бидејќи има поголемо влијание во односите на моќ со Западот од многу други земји.

Тој тврди дека големите државни компании веројатно нема да ризикуваат меѓународни санкции, но од друга страна, инвеститорите би можеле да основаат подружници или сестрински компании кои работат и тргуваат само во Кина и Русија за да ги заобиколат тие ограничувања.

Патем, се чини дека Кина веќе ги разгледува и проучува можностите за инвестирање на рускиот пазар.