Граѓаните во Скопје продолжуваат да спасуваат пари од уништување преку корупција

142

За шест часа колку што досега поминаа од почетокот на симболичниот перформанс на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), којшто се одржува во центарот на Скопје, граѓаните спасија од корупција 24,5 милиони денари.

Целта на перформансот СВИРИ КРАЈ! е да го сврти вниманието на јавноста на штетата што корупцијата им ја нанесува на општеството и граѓаните, но и на значајната улога што секој поединец ја игра во борбата против корупцијата. Граѓаните преку притискање на копчето СВИРИ КРАЈ! го запираат процесот на уништување на нивните пари, кој се одигрува во транспарентна кутија пред нивните очи.

“Борбата против корупцијата започнува од поединецот, од секој од нас, лично. Чинот на притискање на копчето СВИРИ КРАЈ! ни покажува колку пари можеме заедно да спасиме од уништување, тогаш кога ќе одбиеме да учествуваме во корупцијата. На овој начин воедно им даваме порака на поддршка и на укажувачите – лицата кои со пријавување на корупцијата донесуваат храбра и несебична одлука, ставајќи се себеси во служба на јавниот интерес“, изјави Анета Арнаудовска, виш советник за борба против корупцијата во Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), која е организатор на оваа едукативна и информативна кампања.

Кампањата СВИРИ КРАЈ! е дел од проектот на РАИ за зајакнување на политиките и културата на пријавување на корупцијата од страна на укажувачите во Западен Балкан и Молдавија, кој е финансиски поддржан од Европската Унија.

“Правото да се пријавува корупцијата е алатка за поттикнување на транспарентноста и интегритетот, но и за заштита на општото добро. Затоа е од суштинско значење да се воспостават механизми за граѓаните безбедно да ја пријавуваат корупцијата и да бидат заштитени од какви било форми на одмазда, од правен, економски или личен карактер. Укажувачите можат вистински да се охрабрат да зборуваат против корупцијата само кога навистина им веруваат на институциите што ги примаат нивните пријави. Само тогаш, граѓаните можат целосно да придонесат во борбата против корупцијата“, истакна во своето обраќање на настанот Џулијан Васало, Заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија.

За исполнување на целите на РАИ, клучна е соработката со граѓанскиот сектор, медиумите и особено со младите, но и со националните институции од областа на борбата против корупцијата, каква што е Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

“За да охрабриме што повеќе поединци да одбијат да учествуваат во корупција и активно да се вклучат во борбата против корупцијата, неопходна е и институционална поддршка. Секој кој сака да поднесе иницијатива за можна корупција, а особено укажувачите мора да имаат поддршка и заштита од институциите“, изјави на настанот Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК.

Во рамките на овој проект, РАИ се фокусира на зајакнување на законодавната и институционалната заштита на укажувачите во земјите од регионот, во согласност со Директивата на ЕУ за нивна заштита, која стапи во сила во 2019 година.