И Црна Гора во потрага по дигитални номади

70

По Србија и Хрватска, сега Црна Гора ќе креира стратегија со којашто ќе привлекува дигитални номади од целиот свет.

“Во Црна Гора неодамна имаше избори и се надевам дека новата влада е отворена за такви идеи и радо би влегол во дијалог со надлежните министерства за оваа одлична прилика за овој регион. Во Хрватска започнавме со Министерството за внатрешни работи, а во овој момент разговараме со министерствата на надворешни работи, за финансии, за труд и пензискиот фонд“, вели Јан де Јонг, претприемач од Холандија, кој веќе 13 години живее и работи во Хрватска.

Тој смета дека е паметно и Црна Гора да се одлучи на таков чекор да ги привлекува дигиталните номади.

“Само е прашање на време кога многу земји ќе го следат примерот на Естонија (прва земја во светот што издава визи за дигитални номади). Ако во тој правец се движи светот, тогаш е подобро да бидете меѓу првите земји што вовеле правна рамка за виза за дигитални номади. При воведување на такви нови закони, секогаш е подобро да бидете меѓу првите, одошто последни што го направиле тоа. Ако го направите тоа сега, тоа веќе би резултирало со голем бесплатен публицитет, глобално“, смета тој.

Тој смета дека во Црна Гора има многу слични работи како и во Хрватска, како што е медитеранскиот начин на живот, беспрекорната природа, неверојатната клима, достапниот живот во Црна Гора во однос на стандардите на ЕУ или САД.