Извозот на руска пченица е двојно зголемен во споредба со периодот пред војната

32

Извозот на руска пченица речиси двојно се зголеми во јануари и февруари во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Logistic OS, пренесува Bloomberg.

Според американската агенција, минатогодишната богата жетва помогнала руското жито да се рангира меѓу најевтините во светот.

Неодамнешниот раст на извозот покажува дека испраќачите надминале дел од проблемите со финансирањето и осигурувањето предизвикани од руските санкции. Изгледите за извозот од Црното Море се исто така повисоки, бидејќи се очекува за околу две недели да се обнови договорот со кој се овозможува украинска стока да плови низ безбедниот коридор. Залихите од двете земји помагаат да се запре влошувањето на глобалната инфлација на храната.

Украина, чиј извоз заостана минатата сезона, сака да го продолжи договорот за жито за најмалку една година, при што Русија вели дека продолжувањето е можно само ако се земат предвид интересите на нејзините земјоделски фирми. Во моментов има голема побарувачка за руско жито. Во јануари и февруари Русија испорача 6,1 милион тони пченица по морски пат, што е за околу 90% повеќе од претходниот период, наведува Блумберг.

Фјучерсите на пченицата паднаа на едногодишно најниско ниво во Чикаго и Париз, а големите руски количини може да ги ограничат цените до крајот на сезоната, соопшти Рабобанк. Пазарот очекува договорот кој трае до 18 март успешно да биде обновен, стои во соопштението.

Храната не е вклучена во санкциите наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина, но ограничувањата на банките и државните компании ја направија трговијата покомплицирана. Иако стотици илјади тони руско ѓубриво остануваат замрзнати во европските пристаништа, извозниците успеаја да испорачаат огромни количини жито.

Неодамнешниот пораст на извозот се должи и на продажбата закажана подоцна од вообичаеното кон крајот на 2022 година, кога руската пченица ја врати својата конкурентска предност, рече генералниот директор на консултантот на SovEcon, Андреј Сизов.