Како емоционалната интелигенција може да помогне на работното место

154

sl

Фото: Pixabay

Кога работата вклучува директен контакт со луѓе, согледувате колку трпението и самоконтролата се потребни за да ги завршите своите задачи на начин што најмногу ви одговара. Сигурно сте се нашле во ситуација кога едвај сте се воздржале да не изреагирате импулсивно спрема некој клиент или колега.

Иако е свеж, поимот емоционалната интелигенција во професионална смисла се вреднува многу. Знаејќи дека деловната етика е многу важна на работното место, работодавците внимаваат на тоа како вработените и потенцијалните кандидати се однесуваат, каков е нивниот меѓусебен однос и односот со клиентите.

Луѓето се раѓаат со висока или ниска емоционална интелигенција, но тоа не значи дека нејзиниот коефициент не може да се зголеми во текот на животот. За да го постигнеме тоа потребна е ефективна комуникација помеѓу емотивните и рационалните центри во мозокот, а со секоја новостекната вештина се создаваат нови врски помеѓу нив.

Така, ако сакаме да успееме во кариерата потребни се неколку клучни особини како упорност, самосвесност, самоконтрола, коишто се во тесна поврзаност емоционалната интелигенција.

За овие карактеристики да дојдат до израз потребно е време, но истите можат да се постигнат.

Самоконтрола

Ова не значи дека луѓето кои имаат добра самоконтрола се воздржуваат од покажување на емоции, туку умеат истите да ги искажат на правилен начин и да ги контролираат по потреба. Луѓето со добра самоконтрола често преземаат иницијатива и полесно се прилагодуваат на промените.

Самосвесност

За луѓето кои се потполно свесни за своите добри и лоши страни и за тоа како истите влијаат на останатите, може да се рече дека имаат сосема реална слика за себе. Тие знаат да прифатат и критика, што може да биде од пресудно значење за напредокот во кариерата.

Однесување со луѓето

Емоционално интелигентите луѓе знаат како да изградат и одржат квалитетна врска и јасно да комуницираат со оние што ги опкружуваат. Тоа значи дека немаат проблем кога станува збор за тимска работа, успешно ги решаваат конфликтите, а со своето однесување и работење ги мотивираат и другите околу нив.

Социјална свест

Во работата важно е да ги разбирате луѓето и да сочувствувате со нив, со нивните грижи и проблеми. Оние што ја поседуваат оваа карактеристика се способни да препознаат емоции кај останатите и притоа да не се чувствуваат непријатно.

Кога некој ги има развиено овие особини, успехот е лесно дофатлив. Секако, постојат и низа други фактори што можат да влијаат на (не)успешен краен исход, но она што не зависи од вас не можете да го смените.

Можноста да се развива емоционалната интелигенција, што освен за добриот перформанс на работното место, влијае и на физичкото и менталното здравје, дава голема причина секој да работи на усовршување на горенаведените вештини.