Македонските граѓани наскоро полесно до дигитален здравствен сертификат

6

Министерството за здравство на Република Северна Македонија се приклучи кон мрежата CommonTrust за издавање на дигитални здравствени сертификати преку новата апликација CоmmonPass, со што на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард Smart Health Card.

Тоа, како што информираат од МЗ, за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат COVID-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност.

“Со CommonPass на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот COVID-19 тест и вакцинална потврда, и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации. За таа цел, во знак на поддршка, Министерството за здравство ќе ги информира сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за Јавно Здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди“, се вели во соопштението од МЗ.

Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата CommonTrust со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на CommonPass кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со QR код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда. На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво.

Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените Ковид-19 тестови, информираат од МЗ.

Од МЗ, исто така, информираат дека сите заинтересирани кои сакаат да се вклучат во мрежата на  CommonTrust ќе имаат  техничка и административна поддршка на апликацијата на македонскиот пазар, како и дека е започната комуникацијата со акредитирани установи кои се заинтересирани да се приклучат кон оваа иницијатива.

Сите заинтересирани граѓани да прочитаат повеќе информации за самата апликација на страницата commonpass.mk.

Апликацијата CommonPass е создадена од мрежата CommonTrust и Светски Економски Форум, во рамки на проектот The Commons Project, со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за Ковид-19 меѓу државите.

Фото: Facebook