Макстил до крајот на октомври ќе заврши со поставување на системот за отпрашување

55

makstil

До крајот на октомври ќе заврши поставувањето на новата опрема за отпрашување, а потоа следува поврзување со веќе постоечката, рече денеска генералниот директор на Макстил, Иван Бановски.

Активностите за поставување на системот за отпрашување во Макстил АД Скопје, како што рече тој, се одвиваат со предвидената динамика. До 31 октомври ќе заврши поставувањето на новата опрема, а потоа ќе следи поврзувањето со постојната, период кога Макстил нема да работи.

“За две до три недели градежно – бетонските работи на филтерската постројка треба да бидат целосно завршени, а потоа Бетон да започне со работата во внатрешниот дел на погонот. Паралелно, во погоните на Факом активно се работи на префабрикацијата и изработката на деловите од опремата, на конструктивните елементи и цевководите за гасовите, додека италијанската СТГ (STG), која е носител и главен проектант на постројката, веќе ги има порачано деловите кои се нивна обврска да ги набават и кон крајот на месецов треба да почнат да пристигнуваат во погонот“, рече Бановски.

Сите активности за монтирањетона опремата, како што нагласи, треба да завршат до први ноември, а потоа ќе следат активностите на конекција и сетирање на новата опрема со деловите од постоечката поради што Макстил ќе мора да ги запре сите свои производни активности.

“На крајот ќе следат ладните и топлите проби по што следниот старт на погонот Челичарница при крајот на годинава ќе биде со емисија на гасови во воздухот кои ќе ги исполнуваат најстрогите европски норми“, рече Бановски.

Поставувањето на системот за отпрашување Макстил го чини од 10 до 10,5 милони евра. Крајниот рок за воспоставување на системот е 31 октомври 2014 година, откако добија пролонгирање од шест месеци.