Милијарда тони храна фрла светот секоја година

89

Во светот секоја година се фрлаат околу милијарди тони храна, односно скоро 20% од намирниците достапни на населението ширум светот, покажува извештај на Обединетите нации.

“Проблемот е огромен од општествено и економско гледиште. Овој извештај е најопсежниот досега кога се работи за собирање и анализа на податоци за фрлање на храна“, вели Ричард Свонел, директор за развој на британската невладина организација WRAP и коавтор на Извештајот за индекс на фрлање храна, што ја објавува Програма за животна средина на Обединетите нации.

Податоците за 2019 година се собирани во 54 богати и земји во развој, а се добивани од продавници, ресторани и домаќинства.

Извештајот дава заклучок дека годишно се фрлаат околу 931 милион тони храна, што не вклучува коски, школки и други делови од храната што не се јадат.

Додека од една страна се фрлаат огромни количини храна, според податоците на Обединетите нации, околу 700 милиони луѓе ширум светот гладуваат, а три милијарди немаат пристап до здрава храна, од вкупно население од 7,8 милијарди жители.

“Досега се веруваше дека храната се фрла само во богатите земји, но нашиот извештај покажува дека во секоја земја којашто ја анализиравме постои проблем со фрлање храна во домаќинствата“, вели Клементина О’Конор, една од авторките на извештајот.

Од 121 килограм храна што секоја година се фрла по глава жител на планетата, 74 килограми фрлаат домаќинствата.

Според податоците на Обединетите нации, околу 14% од намирниците во светот се губат и пред да стигнат на пазарите, што е околу 400 милијарди долари годишно или колку вредноста на бруто домашниот производ на Австралија.

Фото: Pixabay