НБРМ промовираше два филма за унапредување на финансиската едукација во земјата

17

cover nbrm

Во Народната банка на Република Македонија вчера се одржа промоција на два филма ‒ Народна банка ‒ 70 години во служба на македонското општество: информативно -документарен филм и Запознајте ја централната банка: информативно – едукативен филм. Филмовите се изработени во рамки на активностите за одбележување на големиот јубилеј 70 години централнобанкарски активности во Република Македонија.

Одбележувањето на јубилејот се одвива во текот на целата година, под мотото Запознајте ја централната банка и има за цел да ја приближи Народната банка до пошироката јавност и да ја унапреди информираноста на граѓаните за доменот на делување на институцијата, нејзината улога и значењето во домашната економија.

Во тој контекст е и изработката на овие два филма, со коишто Народната банка дава значаен придонес кон натамошното унапредување на нивото на финансиската едукација во земјата. Информативно – документарниот филм Народна банка ‒ 70 години во служба на македонското општество е посветен на историјата на Народната банка. Во него, на јасен и општо разбирлив јазик е претставен развојниот пат на институцијата низ повеќе историски периоди ‒ од воспоставувањето на првата Централа на Народната банка на ФНРЈ за тогашната Народна Република Македонија, на 19-ти октомври 1946 година, па сѐ до современите услови на функционирање на Народната банка во самостојна Република Македонија. Тој има за цел да ја едуцира јавноста, но и да го развие нејзиниот интерес за значењето и улогата на Народната банка во македонското општество во изминатиот 70-годишен период.

Информативно -едукативниот филм Запознајте ја централната банка претставува едукативен видео документ за најважните аспекти поврзани со целите, функциите и надлежностите на централната банка, како што е денес поставена. Целта е пошироката јавност да се едуцира за ингеренциите на Народната банка и за улогата и значењето на институцијата во македонската економија. Во него, исто така, на едноставен начин се објаснува основната економска терминологија поврзана со надлежностите на централната банка. Филмот е изработен на јасен, едноставен и лесно разбирлив јазик, поради што е соодветен за сите возрасни и целни групи.

Со изработката на овие два филма, Народната банка заокружува уште една програмска активност во доменот на финансиската едукација, со што се потврдува улогата на институцијата како релевантен носител на финансиското образование во земјата. Воедно, со овој чекор, Народната банка станува дел од големото семејство на современи централни банки коишто во спроведувањето на својата едукативна функција, во голема мера, се потпираат врз изработката на едукативни видеоматеријали.